Oдржана третата седница на Комитетот за претприемништво и иновации

С О О П Ш Т Е Н И Е

Во Владата на Република Македонија вчера (четврток, 22 декември 2011 година) се одржа третата седница на Комитетот за претприемништво и иновации со која претседаваше премиерот Груевски.

На Комитетот се разгледуваше статусот на повеќе проекти од програмата за работа на Владата во доменот на поддршката на претприемништвото и иновациите при што се донесоа повеќе конкретни заклучоци во насока на операционализација на активностите во оваа област.

Во тој контекст се разговараше за процесот и резултатите од регулаторната гилотиња, како и за следните чекори во овој правец, потоа за повеќе програми за поддршка на претприемништвото во рамки на Министерството за економија, како и за текот на активностите за воведување на предметот “Бизнис и претприемништво” во образовниот процес.

Комитетот разгледуваше и неколку предвидени програмски активности во сферата на поддршката на научно истражувачкиот развој, како што е проектот за набавка на лаборатории, како и за проектот “Научни субвенции” со кој преку Министерството за образование и наука сите научни работници кои ќе објават научни трудови во списание со импакт фактор (фактор на влијание) ќе добијат еднократен надоместок во износ од 30.000 денари за објавен труд.

Во овој контекст стана збор и за разработка на системски пристап за комерцијализирање на универзитетското знаење на универзитетите преку основање на фирми засновани на наука и технологија, а воедно Комитетот ја разгледуваше и информацијата за разработка на законски концепт за поттикнување на истражувањето, развојот и иновациите кај малите и средни претпријатија.