Премиерот Емил Димитриев се сретна со Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, г-дин Емил Димитриев, денеска (понеделник, 12.09.2016 година), оствари средба со г-дин Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.
Соговорниците ги поздравија позитивните односи кои постојат помеѓу Република Македонија и Европската Унија и ја истакнаа својата посветеност за нивно унапредување во секоја сфера од взаемен интерес.
Беше потенцирана стратешката определба за членство на Република Македонија во Европската Унија, при што соговорниците ја афирмираа заложбата за продолжување на заедничката соработка која е од значење за реализација на европските интеграции на нашата земја.
Премиерот за спроведување на изборите Димитриев изрази благодарност за соработката со Европската Унија во реализацијата на реформите кои се значајни за унапредување на стандардите во сите општествени сфери. Тој ја истакна и посветеноста на Владата за спроведување на фер, кредибилни и демократски избори како единствено решение за политичката криза. Од негова страна беше акцентирана и посветеноста на Владата за реализација на програмата и проектите кои имаат реална корист за сите граѓани.
Шефот на Делегацијата Жбогар истакна дека Европската Унија и понатаму ќе продолжи да дава поддршка во реализацијата на реформите во нашата земја.
Двете страни ја изразија и значајноста на спроведувањето на акцискиот план на Владата за реформи за европска интеграција на земјата.
Беше разговарано и за повеќе други теми од заеднички интерес.