Домашните компании имаат потенцијал за соработка со странските добавувачи
Околу петстотини домашни компании соработуваат директно со инветиторите во технолошко-индустриските равојни зони. Вкупната вредост на набавките од домашните компании направена од страна на компаниите од ТИРЗ изнесува околу 50 милиони евра годишно, но потенцијалот за соработка не е целосно искористен.
Ова го истакна министерот за финансии Кирил Миноски на конференција за вмрежување на компаниите од македонската лесна метало-преработувачка индустрија со странски купувачи што се одржува во Скопје со цел поттикнување на соработката на домашните со странските компании.
Тој додаде дека со цел да се помогне што побрзо домашните компании да се вклучат во синџирот на добавувачи, странските компании треба да соработуваат со нив преку пренесување искуства за тоа како да ги надградат своите производствени способнисти, како да го унапредат производството, да применуваат нови технологии, како и соодветно да ги развиваат човечките ресурси.
- Кога македонските фирми ќе станат дел од синџирот на добавувачи на глобалните компании, тие ќе добијат пристап и до глобалниот пазар преку постоечкиот синџир на добавувачи на мултинационалните компании, истакна Миноски и додаде дека компаниите имаат партнер во Владата која презема низа мерки за воспоставување одлична бизнис клима.
Поврзувањето на малите компании со големите произведувачи, според американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли значи поттикнување на економскиот раст и вработувањето.
Тој истакна дека неколку македонски компании врз основа на базата на податоци за производите на над 200 македонски компании од лесната индустрија имаат потпишано долгорочни договори за соработка.
- САД веќе 10 години го поддржува развојот на лесната индустрија во Македонија. На пример, проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси работење со индустријата и институциите на создавање дата база чија цел е прибирање и промовирање на податоците за производите на преку 200 македонски компании од овој сектор. Ова споделување на информации е важен ресурс за економските промотори кои работат на привлекување странски инвеститори, истакна Бејли.
Швајцарскиот амбасадор Сибил Сутер потенцира дека постои потенцијал кај компаниите во Македонија да станат добавувачи на странските компании, но дека за тоа им треба поддршка.
Таа додаде дека Швајцарија ја поддржува оваа индустрија 13 години и оти од таа поддршка се произлезени соработки на 30 компании кои учествувале на саеми и имаат извоз во ЕУ и Швајцарија. Дополнително е помогнато и да ги подобрат призводите кои треба да одговараат на потребите на добавувачите.
Холандскиот амбасадор во земјава Ваутер Пломб потенцира дека странските инвестиции во Македонија и во другите земји од Западен Балкан се главен двигател на развојот, но смета дека Македонија треба да ги достигне другите земји од регионот по влез на странски инвестиции и оти за тоа е важна политичката и економската стабилност и изборите во декември.
Марта Наумовска Грнарова, претседател на Асоцијата на метална и електро индустрија посочи дека за компаниите од металната индустрија е од големо значење отворањето на странските пазари, а конференцијата е можност за почеток на некаква соработка. - Нашите производите се пред се наменети за извоз и неопходна ни е помош во тој сегмент, бидејќи полесно е да се пробива пазарот заеднички, отколку секој поединечно, додаде таа.
Конференцијата, е во организација на проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, Асоцијација на метална и електро индустрија МАМЕИ и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ со поддршка на Германската стопанска комора во РМ, Американската стопанска комора во РМ, Амбасадата на Холаднија во РМ и Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.