Отворен дисперзиран логопед во Поликлиниката во Драчево
Нов пункт со дисперзиран логопед е промовиран денеска во Поликлиниката во Драчево. Логопедот работи секој вторник и четврток, а од 1 октомври ќе работи и во понеделник и во среда.
Станува збор за 10-та специјалистичка специјалистичка служба во Поликлиниката во Драчево и шести дисперзиран логопед во Скопје, покрај претходните пет кои фунционираат во поликлиниките „Јане Сандански“, Букурешт, во Ченто, Ѓорче Петров и Чаир.
Пунктот за дисперзиран логопед во Поликлиниката во Драчево денеска го посети вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, кој изјави дека кон крајот на јули до Здравствен дом Скопје било упатено барање од група граѓани за отворање служба за логопед во Поликлиниката во Драчево. Посочи дека со Здравствениот дом Скопје и Центарот за говор и слух, се договориле на ова барање позитивно да одговорат.
- Со ова се доближуваа оваа значајна услуга до граѓаните односно многу поблиску до нивното место на живеење. Околу стотина семејства ќе имаат можност нивните деца да ги носат на логопед во Поликлиниката во Драчево. Но, со самиот факт што има логопед во таа поликлиника и со работата на логопедот, во околните училишта се детектирани уште дополнителни 18 случаи кои ќе бидат третирани тука, потенцира Тодоров.
Нагласи дека иако 95 проценти од работата на логопедот можеби е врзана со децата, сепак логопедите можат да работат и со возрасни посебно со оние кои имаат пречки во говорот како резултат на мозочен удар и други здравствени состојби. Согласно интересот и бројот на пациенти, појасни, ќе се определат и термини за возрасни.
- Има и знаење и волја од логопедите да го покријат и овој сегмент на здравствени услуги и тоа ќе биде целосно покривање на оваа област и на целата околина. Оваа Поликлиника покрива околу 80.000 жители во Драчево и целата околина, што значи логопедот ќе биде многу поблиску и како здравствена услуга и како специјалистичка услуга до оние на кои тоа им е потребно, додаде Тодоров.
Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека Поликлиниката Драчево во 2012 година била оскудна во делот на специјалистичките служби, но оттогаш наваму дејност по дејност ја проширувале специјалистичката служба.
Со отворањето на пунтовите со дисперзирани логопеди кои ги има Здравствен дом Скопје успешно се претставува неговата меѓуинституционалната соработка со Заводот за слух и говор под координација на Министерството за здравство. Посочи дека во градинките и во училиштата се вршат систематски прегледи во дел од кои се врши проверка на говор.
- Доколку се детектира дека има отстапување и тоа е најдобро колку што е порана возраста, да се почне навремено и со соодветен третман континуирано, навистина има успешни резултати во корекцијата во пречките на говорот кај децата. Од матичен лекар се упатуваат во Заводот за слух и говор каде се дијагностицира за која состојба станува збор, а терапевтскиот третман го добиваат кај овие дисперзирани логопеди. На тој начин го олеснуваме пристапот и реализацијата на терапевтскиот третман, додаде Баевска Вучковиќ.