Од 1 октомври пријавување за студенти-тутори за подучување ученици
Студентите кои сакаат бесплатно да подучуваат основци (од шесто до деветто одделение) и средношколци, треба да се пријавуваат од 1-ви до 30 октомври на интерактивниот портал за тутори: tutori.mon.gov.mk, најави денеска на прес- конференција заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Целта на овој проект, кој Министерството за образование и наука го најави неодамна, а сега почнува да функционира, е да им се помогне на учениците на кои им е тешко совладувањето одредени предмети, без тоа да биде на трошок на нивните родители. Бенефит ќе има и студентот тутор доколку има резултати од подучувањето кај најмалку два ученика, односно ако по соодветниот предмет тие добијат повисока оценка споредено со претходната година. Во тој случај студентот тутор ќе добие дополнителни десет поени кога ќе аплицира за студентска стипендија во следната година.
Меѓу условите кои треба да ги исполни студентот за да биде тутор е - да биде редовен студент, да достави препорака од најмалку еден професор од соодветниот предмет кој ќе потврди дека тој е подобен да подучува и по предметот или предметите за кои се пријавува да подучува да има најмалку 8 просечен успех.
- Родителите односно старателите на учениците во периодот од 18-ти до 25 ноември ќе можат да ги избираат туторите за своите деца преку посебно мени во рамките на електронскиот дневник, кој е надграден за оваа намена. Откако родителот односно старателот ќе селектира тутор, системот ќе испрати автоматска порака на електронската адреса на туторот, а тој ќе има обврска повратно да одговори во рок од пет дена. Во електронскиот дневник ќе се води и евиденција за одржаните туторски часови, кои исклучиво под надзор на родител ќе се реализираат во домот на ученикот, почнувајќи од 26 ноември, па се до крајот на учебната година, рече Ристовски.
Според правилата на овој проект, еден студент може да се пријави да биде тутор по најмногу четири предмети, односно да подучува најмногу четири ученици по еден предмет, и со секој од нив ќе треба да одржува најмалку еден час седмично.
За избор на кандидатите ќе одлучува комисија (со членови од МОН, Бирото за развој на образованието, наставник од основно и од средно образование, универзитетски професор и психолог) која ќе прави и непосредни интервјуа со заинтересираните студенти и ќе одлучува дали се соодветни за да бидат дел од централната база на тутори.