Попоски: Остануваат сериозните разидувања со Грција за името
Со Грција имаме сериозни разидувања во однос на прашањето на името, но сме согласни дека во моментот не можеме да разговараме по него бидејќи имаме различни видувања, оценува министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.
- Доколку зборуваме за во однос на прашањето за името, тогаш мислам дека ситуацијата е непроменета, односно имаме сериозни разидувања, но сме согласни дека во овој период не можеме да разговараме за вака сериозно прашање кое е единственото прашање по кое имаме различни интереси, различни видувања во грчко-македонските односи, вели Попоски кој на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк имаше средба со својот грчки колега Никос Коѕиас.
На прашањето доколку Македонија треба да избира меѓу името и НАТО, што би избрала и дали може да се прави некаков избор, Попоски посочува дека не би било праведно од НАТО да биде поставено прашањето на штета на земја која ги исполнила сите други критериуми да влезе во Алијансата.
- Исто така, не можеме да бидеме наивни и да не признаеме дека една земја членка може да го блокира целиот процес. Во овој временски период ние покажавме дека и за НАТО и за Македонија, но исто така и за Грција е многу подобро да гледаат кон додадената вредност од нашето членство во НАТО отколку да продолжат со политиката на уценување во услови во кои имаме договор кој го застапува меѓународното право, имаме пресуда од Меѓународниот суд на правдата кој исто така го трасира патот за што може, а што не може да биде прифатено, истакнува министерот за надворешни работи.
Во врска со мигрантската криза, Поповски смета дека договорот меѓу ЕУ и Турција за бегалците, веројатно не е најдобриот или идеалниот одговор, но, како што вели, е најдоброто нешто кое во моментов е на располагање.
- Во овој момент никој не понудил подобар договор од тој кој постои помеѓу Турција и ЕУ, а Македонија овозможи да биде применет во пракса, особено во поглед на контролата на границите и промената на соработката која ја имаме помеѓу земјите кои се на оваа рута и мислам дека тоа впрочем е препознато и од страна на ЕУ и од земјите членки кои се наши соседи, истакнува шефот македонската дипломатија.
Тој во интервјуто говори и за политичката криза во Македонија и претстојните парламентарни избори.
- Мислам дека во корист на Македонија ќе биде да се спроведат тие избори, потоа да оставиме резултатите од изборите да дефинираат каква влада ќе биде формирана и да го оставиме зад нас овој деструктивен период во кој бевме предмет на многу внатрешни уцени и борби кои не чинеа премногу на надворешно политички план. Мислам дека со затворање на тоа поглавје и ќе ја олесниме европската и евроатлантската агенда на Република Македонија знаејќи дека навистина можеме повеќе да постигнеме од она што беше ситуацијата во изминатиот период, истакнува Попоски.
Додава дека изборните резултати треба да се прифатат, бидејќи, како што вели, во многу наврати сме докажале дека имаме капацитет и за фер и за демократски избори кои ќе бидат израз на волјата на народот.
Запрашан за тоа кој од претседателските кандидати во САД, Доналд Трамп или Хилари Клинтон, е подобар избор за Македонија, вели дека не може да има фаворит бидејќи, како што потенцира, се работи за внатрешно политичко прашање на држава каде што се спроведуваат изборите.
- Принципиелно мислам дека тоа е ставот и единственото видување кое можеме да го имаме. Од друга страна, во која било комбинација не би требало да се очекува промена во однос на стратешките цели на Република Македонија кои се дефинирани со членство во ЕУ и членство на НАТО бидејќи конечно и Америка има во подолг временски период инвестирано во стабилноста на регионот и не верувам дека тоа би можело да се промени само врз основа на едни избори кога ќе се спроведат, вели министерот за надворешни работи Никола Попоски.