Честитка од Димитриев по повод Меѓународниот ден на Бошњаците
Почитувани припадници на бошњачката етничка заедница,
Во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, Ви упатувам најсрдечни честитки по повод 28 Септември - Меѓународниот ден на Бошњаците.
Со прославувањето на 28 Септември Република Македонија веќе десетта година по ред оддава почит кон бошњачката заедница во земјата, но и општо кон бошњачката заедница на Балканот. Одбележувањето на овој празник воедно претставува и симбол на нашата традиција и изградбата на нашето општество преку соживот, разбирање, толеранција и почитување на различностите. Таквиот пристап на почитување на различните културни, верски и идентитетски карактеристики претставуваат богатство на секое современо општество кое е насочено кон развој и унапредување на мултикултуризмот и интеграција на сите етнички заедници во општествените процеси. Во годините зад нас Република Македонија во повеќе наврати и преку голем број чекори, мерки и проекти јасно го демонстрираше таквиот пристап и посветеност. Силно сум уверен дека со активен придонес од претставниците на бошњачката заедница во нашата држава и во иднина ќе продолжиме заеднички да придонесуваме, како за негување на нашето мултиетничко општество, така и за нови проекти и нови дела кои се во интерес за сите граѓани на нашата држава.
Честитајќи Ви го празникот, Ви упатувам изрази на високо почитување и Ви посакувам денешниот ден да го поминете во добро празнично расположение исполнето со многу здравје, радост, среќа и бериќет.
Со почит,
Емил ДИМИТРИЕВ