Поставен камен-темелник за првата зграда од „АРМ мој вистински дом“
Во рамки на проектот „АРМ мој вистински дом“ денеска беше ставен камен темелник на правата зграда во Скопје која ќе има 32 стана, со кои исто толку вработени во Армијата на Република Македонија под поволни услови ќе го решат станбеното прашање.
Од 32-та стана осум се еднособни, осум двособни, осум трособни и осум четворособни станови. Цената на еднособниот стан ќе биде околу 19 илјади евра, а за вработените на АРМ ќе ги купуваат на 240 месечни рати во висина од околу 70 евра во денарска противвредност. За најголемите станови вработените во АРМ ќе треба да издвојат околу 45 илјади евра, кои ќе ги плаќаат исто така на 240 рати, но во висина од околу 170 евра во денарска противвредност.
- Овој проект има за цел да им помогне и да го зајакне стандардот на припадниците на АРМ. За него има голем интерес од страна на старешините, офицерите, професионалните војници и цивилните лица во АРМ. Со овој проект по мошне поволни цени ќе обезбедиме лицата кои работат во АРМ го решат своето станбено прашање, рече на поставувањето на камен темелникот на зградата министерот за одбрана Зоран Јолевски
Во овој момент, информира тој, за станови се пријавени 250 припадници на АРМ кои сакаат на овој начин да го решат своето станбено прашање, меѓутоа, како што рече, ако има и поголем интерес ќе се продолжиме со градба на вакви станови. Потенцира дека проектот ќе се реализира се дотогаш до кога ќе има интерес од вработените во АРМ.
Освен изградбата на станови во Скопје, предвидено е станови да се градат во Велес, Прилеп, Штип и Куманово.
Министерот Јолевски истакна дека за вработените во АРМ да можат да ги купат становите по овие поволни цени, Владата и Министерството за одбрана ги обезбедуваат парцелите каде ќе се градат зградите, оти МО ги плаќа комуналиите за изградба кон општините и Градот Скопје, како и каматата за кредитите. За да можат да го купат станот припадниците на АРМ треба да дадат 20 отсто учество од висината на вредноста на станот.