Поволни кредити за самовработување, отворање бизниси и нови работни места
Од денеска во наредните две недели сите невработени лица кои сакаат да отворат сопствен бизнис и да отворат до три работни места во помали дејности или до пет во дејности од поголем обем или постоечки компании кои сакаат да го зголемат бројот на вработени можат да аплицираат во Агенцијата за вработување на Република Македонија за поволен кредит со каматна стапка од 1 процент на годишно ниво, со грејс период од една година и рок на отплата од три години.
Со првата мерка за самовработување со кредитирање секое невработено лице може да искористи кредит во висина од 3 илјади евра за самовработување и дополнително по 3 илјади евра за отворање до 3 работни места во дејности од помал обем и 5 илјади евра за самовработување и по 3 илјади евра за отворање до пет работни места во дејности од поголем обем.
Мерката за кредитирање на компании за нови работни места овозможува отворање до три нови вработувања или вкупно 9.000 евра.
- Мерките кои се објавуваат денеска се однесуваат на самовработување со кредитирање и кредитирање на правни субјекти компании за отворање нови работни места. Тие се спроведуваат од 2008 година и досега резултираа со отворени над 7.000 нови работни места, со 3.200 новоформирани компании. За годинава се обезбедени 724 илјади евра за спроведување на овие две мерки, кои нудат поволни услови за водење бизнис, рече на денешната прес-конференција дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов.
Додаде дека овие две мерки за кои се објавуваат огласи имаат неколку позитивни аспекти.
- Тие ќе помогнат во отваорањето работни места, намалување на невработеноста, отворање нови копмпании, ќе ја раздвижат македонската економија, а на постоечките компании ќе им помогнат да искористат поволен кредит за средства кои ќе им помогнат да отворат нови работни места и да ја прошират својата дејност, рече Спасов.
Министерот за финансии Кирил Миновски посочи дека само со креирање на ефективен систем за развој на приватниот сектоор, преку микро, мали и средни претппријатија, може да се дојде до генерирање нови работни места.
- Двете програми за вработување за кои денеска се објавуваат огласи се во насока на поддршка на сегментот на микро, мали и средни претпријатија. Со овие програми можат да се добијат средства и до 17 илјади евра кредит за развој на бизнис и отворање нови работни места под исклучително поволни услови, рече Миновски.
Директорот на АВРМ Влатко Поповски дека многу од компаниите кои ги користеле мерките во изминатиот период работат се уште на пазарот на трудот се уште бараат нови работници и евтини средства кои ги даваме заедно со овие мерки.
Тој напомена дека доколку некое од лицата кои ќе се вработат со една од овие две мерки било технолошки вишок, стечаец или вработен во ликвидирана фирма ќе добие уште дополнителни 1.000 евра.