Наставниците ќе се обучуваат за примена на нови критериуми во оценување на учениците
Со грант од скоро 146.000 евра преку програмата на ЕУ Еразмус плус за поддршка и развој на образованието, обуката, младите и спортот, во наредните три години ќе се спроведува проект за обука на наставниците во основно и во средно образование да применуваат нови критериуми во оценувањето на учениците по предметите математика и природни науки.
За грантот аплицирало Бирото за развој на образованието кое проектот за воспоставување нови критериуми за оценување ќе го спроведува заедно со Министерството за образование и наука, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и во партнерство со Меѓународмниот центар за наставни програми при Универзитетот Кембриџ и организацијата „Афлатун“ од Холандија.
Советниците на Бирото, откако самите ќе бидат подготвени од странските партнери во проектот, ќе ги обучуваат наставниците како да ги вреднуваат постигнувањата на учениците по предметите чии учебници се адаптирани на програмите на Центарот од Кембриџ.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски на прес-конференција рече дека е направен проект со рамка на активности - подготовка на прирачници и правилници врз основа на кои потоа ќе се спроведуваат обуките за развивање нови педагошки практики и оценување од страна на наставниците.
- Овие обуки ќе ги спроведуваат советниците на Бирото за развој на образованието кои во меѓувреме ќе бидат добро подготвени и во улога на мастер-тренери ќе ги обучуваат сите одделенски, како и предметните наставници по математика и природни науки, рече Ристовски.
Директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ истакна дека главен нагласок на програмите адаптирани по Кембриџ е учење преку искуство и експерименти, така што наставниците треба да бидат обучени и како да развијат критериуми и инструменти за оценување на ваквите вештини на учениците.
- Токму во таа насока е проектот што денеска го промовираме и кој три години ќе го работиме во соработка со нашите партнери од Кембриџ и со партнерите „Афлатун“ од Холандија. Се надеваме дека на ваков начин ќе им бидеме од помош на наставниците со цел учениците да бидат правилно оценувани и нивната мотивација за учење да биде, пред се, постигнување знаење и вештини, а не само оценки, рече Хорватовиќ.
Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Дарко Димитров и ја честиташе на БРО успешната проектна апликација за добивање на грантот од програмата Еразмус плус.
- Договорот за грант кој го доделува Националната агенција е во износ од 145.621 евро и е финансиран од програмата Еразмус плус. Исклучително важно за овој проект е што тој е тесно поврзан со подобрување на образовниот процес, образовните политики на Република Македонија што, всушност, се главните приоритети на Еразмус плус и на Европската стратегија за образование и обука 2020, додаде Димитров.