Доделени шест грантови од по 10 илјади евра за отворање приватни детски градинки
Шест грантови во висина од по 10 илјади евра за отворање приватни детски градинки, беа доделени денеска во Агенцијата за вработување на Република Македонија. Неповратните средствата се наменети за опрема, а оние кои ги добијат треба во градинките да вработат најмалку четири лица. Огласот останува отворен и до крајот на годината можат да бидат доделени уште четири грантови.
- Денеска доделуваме грантови за шест нови приватни детски градинки кои ќе го зголемат капацитетот за згрижување деца од предучилишна возраст за околу 260 места и ќе отворат околу 40 нови работни места. Владата и МТСП и во иднина ќе продолжат да ги поддржуваат приватните инвеститори подготвени да вложат во отворање нови приватни дестки градинки, рече на доделувањето на грантовите дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Посочи дека еден од приоритетите на Владата е и останува зголемување на бројот на детски градинки, како и зголемување на капацитетот за згрижување деца од предучилишна возраст.
- Еден дел од тој сегмент е зголемување на бројот на приватни детски градинки што сакаме да го постигнеме со еден пакет поволности кои ги реализираме изминатиот период како што е почетна цена на градежно неизградено земјиште во висина од 1 евро м2, намалените комунални давачки за вакви објекти за 95 проценти, можностите да се користат мерките за вработување, како проектот „Македонија вработува 2“ и сите останати мерки, како и поволни кредитни линии преку македонската банка за поддршка на развојот, но и најновата мерка за неповратен грант во висина од 10 илјади евра за основање приватна градинка, рече Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски информира дека до крајот на годинава е отворен огласот за уште четири нови градинки за тие што не можеле до сега да аплицираат.
- До крајот на годината ќе може да се изберат уште четири грантови и вкупниот број на доделени грантови да биде 10, со вкупни средства од 100 илјади евра и да вработат 40 лица, истакна Поповски.
Дополнителниот заменик министер Спасов истакна дека покрај поддршката за отворање детски градинки, заложба на Владата е да се отвораат и нови државни градинки, посочувајќи на проектот за изградба на нови 140 детски градинки. На ваков начин, рече, ќе влијаеме целосно да се реши деценискиот проблем за намалување или сведување на нула на листите на чекање.