Димитриев: Македонија е докажан, сигурен и искрен партнер на евроатлантската заедница
Република Македонија е докажан, сигурен и искрен партнер на евроатлантската заедница. Затоа и ќе продолжиме со исполнување на суштинските реформи кои ќе не приближуваат кон посакуваната цел и ќе одговорат на реалните потреби на граѓаните, нагласи премиерот Емил Димитриев во вечерашното обраќање на Свечената академија по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
Според него, Македонија продолжува со континуираните реформи во правосудството, модернизацијата на администрацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, постојана надградба на целосно функционалната пазарна економија, како и реформите во сите други области поврзани со европската и НАТО интеграција.
Кон таа цел сме, рече, обединети и обединето ќе продолжиме да работиме исто како што ВМРО го обединувала нашиот народ кон она што значи заеднички интерес. Таквата инспирација ни е потребна и денес за да се обединиме околу напредокот и новите успеси за нашата држава.
На тој пат, порача Димитриев, едно од првите скалила е да се обединиме во обезбедувањето фер и демократски избори.
- Ако во минатото желба на народот била слободна Македонија, сега стремежот покрај подобрата економија е и македонската интеграцијата во ЕУ и НАТО. Процес што трае со години и во кој секоја генерација има дадено свој придонес. Но, за жал и денес во 2016 граѓаните на нашата држава и покрај сработеното го немаат добиено заслуженото место, каде и природно, цивилизациски и географски припаѓаме, истакна претседателот на Владата.
Според него, нашиот врвен стратегиски приоритет не е реализиран поради наметнатиот спор со нашето уставно име и нашиот идентитет што продуцираше неразбирливо проблематизирање и недозволиво непочитување на основните права на нашите граѓани.
- Пролонгирањето на одлуките за полноправно членство во НАТО и за почнување на пристапните преговори со ЕУ е на штета на Република Македонија, но и на штета на двете организации, истакна Димитриев, апелирајќи за, како што рече, правична валоризација на сработеното и за добивање на заслуженото место.
Премиерот смета дека процесот на градење мерки за доверба со нашиот јужен сосед е позитивен исчекор кон кој имаме полно внимание.
- Сакам да верувам дека она што ние го чувствуваме, а тоа е дека унапредувањето на соработката на другите полиња со нашиот јужен сосед, ќе придонесе кон создавање атмосфера за правично, праведно, оддржливо и прифатено од граѓаните решение за отвореното прашање кое ги оптоварува нашите европски и евроатлантски интеграции, го чувствува и нашиот сосед, кој треба да биде убеден дека стабилен и развиен, пред се европски и НАТО интегриран сосед на нивната северна граница, сосед на кој му се почитуваат основните права и вредности, покрај тоа што е од интерес за двете држави, Македонија и Грција, е од интерес и за целиот поширок регион, напомена Димитриев.
Нашиот капацитет и европски вредности, подвлече, ги потврдиме и во справувањето со мигрантската криза во која Македонија ја потврди својата подготвеност да биде дел од решението на еден исклучително комплексен проблем.
- Со ефективна и ефикасна реакција, со успешно менаџирање со границите и максимално хуман пристап, демонстриравме активна и клучна улога директно помагајќи на нашите пријатели од ЕУ во справувањето со овој голем хуманитарен, социјален и безбедносен предизвик, за кој и во следниот период е потребна посветена работа и глобална и координирана акција, напомена премиерот Емил Димитриев.