МЗ со нова мерка: Нови 10 подвижни аптеки во 10 региони
Доделување десет нови лиценци за подвижни аптеки во десет региони во Република Македонија е нова мега мерка на Министерството за здравство, која денеска на прес-конференција ја објави вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров.
Оваа мерка, посочи, е за нови 10 подвижни аптеки во 10 региони со што ќе се опфатат 542 населени места или над 463.000 жители ќе можат за првпат најголем дел од лековите да ги добијат во нивниот дом и населено место. Истакна дека претходно биле донесени и склучени договори со подвижни аптеки во шест региони кои опфаќаа над 50.000 жители и 304 населени места.
Според него, ова е мега мерка која ќе овозможи огромен број граѓани на Република Македонија да добијат многу подобар пристап до здравствени услуги или побрз пристап до лекови, односно сериозно се намалуваат трошоците на граѓаните при пристапот до здравствена услуга или до лек.
- Министерството за здравство во континуитет се грижи поголем број граѓани да ја добијат здравствената услуга што е можно поблиску до нивното место на живеење. Во тој правец спроведуваме многу проекти. Еден од нив е и проектот „Подвижни аптеки. Со „Подвижни аптеки“ и „Рурални аптеки“ се опфаќаат над 880.000 граѓани од над 900 населени места во државата кои имаат директен бенефит и олеснет пристап до лекови кои им се доставуваат во нивниот дом или во нивното место на живеење што е значителен исчекор во овој сегмент, рече Тодоров.
Проектот „Подвижни аптеки“, нагласи, се однесува за можноста лековите да се доставуваат до граѓаните кои живеат во населени места со помалку од 1.000 жители. Тој рече дека најголем дел од овие населени места никогаш порано немале можност лековите да се доставуваат до граѓаните до нивното место на живеење, а во овој случај дури и во нивните домови.
Подвижни аптеки се доделени за општините: Велес, Чашка, Градско и Лозово со што ќе бидат опфатени 86 населени места односно бенефит ќе имаат околу 70.000 жители, Кривогаштани и Долнени за 44 населени места и околу 19.300 жители, Крива Паланка, Ранковце и Кратово за 80 населени места и над 34.000 жители, Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица и Виница за 54 населени места и над 65.000 жители, во Карбинци, Зрновци, Чешиново Облешево за 39 населени места и речиси 14.000 жители, Арачиново, Илинден, Петровец за 25 населени места и 36.000 жители, Демир Хисар и Крушево за над 57 населени места и речиси 18.500 жители, Битола за 59 населени места и над 100.000 жители, Ресен и Охрид за над 60 населени места кон кои гравитираат 83.300 жители и во Сопиште, Студеничани и Зелениково за 38 населени места со што бенефит ќе имаат над 28.000 жители.
Тодоров нагласи дека концептот на овој проект е што во овие населени места лековите се доставуваат со посебно возило наречено подвижна аптека, а како кадар е ангажиран фармацевтски техничар. Секое населено место, посочи, се посетува најмалку еднаш месечно и има најмногу до 1.000 жители.
- Она што е најзначајно е што овој проект е поврзан со проектот „Рурален доктор“, со кој досега бенефит имале над 200.000 граѓани кои живеат во рурални области и добиле здравствена услуга од руралните доктори. Секогаш кога руралниот доктор ќе отиде во некое населено место, ќе изврши преглед и ќе препише определен рецепт на некој пациент на кој му е потребен лек, подвижната аптека е должна веднаш, а најдоцна во рок од два дена да му го однесе лекот на пациентот дома или во неговото населено место, рече Тодоров.
Потенцира дека ова е огромен бенефит за пациентите кои живеат во руралните подрачја. Според него, ова е веројатно една од мерките со најголем јавно здравствен импакт која е донесена досега во Република Македонија.
Овој проект, истакна, можеме да го поврземе и со проектот „Рурална аптека“ кој функционира во 38 општини, а отворени се 67 аптеки со кои се покриени над 180.000 жители. Додаде дека проектот „Рурална аптека“ се однесува за населени места кои имаат повеќе од 1.000, а помалку од 3.500 жители.