Општина Зелениково првпат доби педијатар
Жителите на општина Зелениково првпат добиваат специјалистичко консултативни услуги од областа на педијатријата. Прегледите еднаш неделно (секој петок) од 9 до 14:30 часот во амбулантата во Зелениково ќе ги врши специјалист педијатар ангажиран од детската болница „Козле“.
Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров денеска ја посети амбулантата во Зелениково по што изјави дека како резултат на барањето на граѓаните од општина Зелениково, Министерството за здравство во соработка со Детската болница „Козле“ и со Здравствениот дом – Скопје донесоа одлука секој петок во амбулантата во Зелениково да има специјалист педијатар кој ќе дава специјалистичко консултативни услуги од областа на педијатријата за жителите на таа општина.
- Од комуникацијата со градоначалникот знаеме дека во Зелениково има околу 600 деца на кои понекогаш им е потребна ваков тип на здравствена услуга и од тој аспект наместо да патуваат до Драчево или, пак, до некоја друга поликлиника во Скопје, тие ќе можат оваа здравствена услуга да ја добијат тука во нивното место на живеење, рече Тодоров.
Според него, ова е многу значајно затоа што станува збор за доближување на здравствена услуга поблиску до граѓаните што претставува подигнување на нивото на квалитет и достапност на здравствените услуги. Појасни дека овој проект е комплементарен на проектот „Подвижна аптека“ промовиран неодамна со кој е опфатена и општина Зелениково и согласно кој 13 населени места во општината Зелениково ќе бидат опфатени со „Подвижна аптека“, која ќе ги носи лековите кои ќе бидат препишани од страна на руралните лекари или од страна на лекарите кои работат во општина Зелениково до домот или до населеното место каде живеат жителите на општина Зелениково.
- Ова е исто така една силна јавно здравствена придобивка која овозможува приближување на здравствената услуга и поголема достапност на лековите и особено значајна мерка особено за хронично болните кои ја земаат терапијата еднаш на три месеци или еднаш на шест месеци и наместо да патуваат до некои од поликлиниките и во аптеките во близина на тие поликлиники по препришувањето на лековите тие ќе бидат доставени во нивниот дом или во нивното место на живеење, рече Тодоров.
Директорот на Детската болница „Козле“ Оливер Зафировски рече дека секогаш излегуваат во интерес на децата иако во овој период имаат голем број пациенти бидејќи се работи за 600 деца.
- Ние сме тука за целокупната наша едукација и сето она што го знаеме да го доближиме до граѓаните што е од интерес за децата бидејќи тие се најранлива група, а претстојните зимски услови ќе има респираторна патологија и нема да дозволиме овие деца кои се од најоддалечена општина да останат без педијатар, додаде Зафировски.
Директорката на Здравствен дом - Скопје Татјана Баевска Вучковиќ истакна дека во делот на превентивата Здравствен дом - Скопје дава услуги преку патронажна сестра, посета во домовите, а исто така и преку превентивните тимови редовно се реализираат систематските прегледи за следење на раст и развој кај децата и редовната имунизација.
Посочи дека во 2015 година од нула до 6 години 168 деца се вакцинирани редовно по календарот и 320 училишни деца.
- Сега во концептот со педијатарот заедно како засилување навистина ќе ја доближиме услугата во делот на примарната здравствена заштита како превентива, така и куратива до овие деца, чиј број изнесува 600 во една од најоддалечените општини, додаде Баевска Вучковиќ.
Општина Зелениково брои околу 4.000 жители во 15 населени места.