Пуштен во употреба најсовремен Центар за физикална и хидротерапија во ГОБ „8 Септември“
Најсовремен Центар за физикална и хидротерапија е пуштен во употреба денеска во Градската општа болница „8 Септември“. Станува збор за инвестиција од 25 милиони денари.
На пуштањето во употреба на Центарот присуствуваа вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
- Комплетно финализираа работите во Одделот за физикална терапија каде се ставија во функција базените кои долго време не беа во функција и пациентите не можеа да ја добиваат оваа услуга во ГОБ „8 Септември“, изјави Тодоров.
Со оваа комплетна реконструкција, посочи, која е во износ од 25 милиони денари сериозно се подигнува стандардот на ГОБ „8 Септември“ и се заокружува целиот процес односно пациентите од болницата наместо по извршени хирушки интервенции да бидат испраќани во други здравствени установи на рехабилитација, тоа ќе може да го завршат во ГОБ „8 Септември“.
- Многу значајно е што ова претставува прв единствен и најдобро опремен ваков Центар во јавното здравство во Македонија. Има и други центри каде има хидротерапија, но овој е најсовремен затоа што е најнов. Тоа е исто така дополнителен импулс му дава на целото јавно здравство и претставува сериозна мерка за подигнување на целокупниот квалитет на здравството во Република Македонија, потенцира Тодоров.
Нагласи дека Центарот ќе биде ставен во функција на пациентите кои ќе ја користат оваа услуга, а станува збор за над 3.000 пациенти годишно и околу 1.000 деца кои ќе бидат третирани во овој Центар.
Очекуваме, истакна, Центарот да биде ставен во фунцкија од наредната недела и покрај можноста да работи со пациенти, ќе има можност да работи со оние кои сакаат да ги користат овие услуги, а не се пациенти на ГОБ „8 Септември“ и не се пациенти за физикална терапија.
- За нив ќе има посебен ценовник и овие услуги ќе бидат достапни после 19 часот и во текот на викендите. Тоа ќе претставува поширока можност за сите граѓани и ќе се овозможи на тој начин и болницата да има дополнителен приход, средства кои потоа ќе ги искористи во инвестиции за натамошен развој на Центарот и целата болница, додаде Тодоров.
Груевски изрази задоволство што можел да види уште еден проект кој е започнат во времето кога ја водел Владата, кој денеска и официјално се заврши и се пушти во употреба.
- Тоа е овој Рехабилитационен центар во ГОБ „8 Септември“, кој повеќе од 12 години бил вон употреба и целосно руиниран. По еден инвестициски зафат за кој се донесе одлука на почетокот на 2015 година, а се започнаа процедурите кон средината на 2015 година, во текот на оваа година се заврши целата инвестиција. Практично ќе биде одлично место за многу луѓе кои имаат проблеми со реума, скршеници, во делот на траумата, мозочни удари и други заболувања овде да ја вршат хидротерапијата и други терапии потребни за нивно опоравување, рече Груевски.
Со инвестиција од 25 милиони денари, додаде, се стави во употреба и од понеделник ќе може пациентите да го користат.
Директорот на ГОБ „8 Септември“, Сашо Стојчев рече дека Центарот за физикална и хидротерапија се отвора после 12 години неработење.
Ова, посочи, е најекономичниот базен во државата бидејќи користиме вода која е загреана на земјен гас кој го инсталиравме пред две години.
- Објектот е енергетски ефикасен. Сменети се сите прозорци. Во секоја смена ќе има од 14 до 15 пациенти по групи машки, женски и деца со постојано присуство на нашите физиотерапевти и физијатри по потреба и кога ќе се работи комерцијално ќе има наши физиотерапевти кои ќе ја следат работата. Нудиме неколку типа масажи кои се на товар на ФЗОМ за пациенти, а за здравата популација се со многу популарни цени, додаде Стојчев.