Соботка му се заблагодари на Димитриев за македонската улога во мигрантската криза
Премиерот на Чешката Република, Бохуслав Соботка, утринава на средба со претседателот на македонската Влада му се заблагодари за улогата на Република Македонија во мигрантската криза, како земја што беше клучна за спречувањето на бегалскиот бран долж западно-балканската рута.
На денешната билатерална средба меѓу македонскиот и чешкиот премиер пред почетокот на Петтиот состанок на 16 земји од Централна и Источна Европа со Народна Република Кина, констатирано е и дека Македонија може да смета на поддршката од Чешката Република во рамки на евроатлантските интеграции.
Како што информираат од кабинетот на премиерот Димитриев, на средбата со неговиот чешки колега, еден од главните акценти бил ставен на македонската улога во справување со мигрантската криза, за која од чешка страна била искажана голема благодарност. Исто така, била истакната поддршката од Чешката Република на Македонија во делот на интеграциите на земјата во Европската унија и НАТО. Притоа, од македонска страна било посочено дека се очекува по завршувањето на изборите во Македонија и формирањето на политичката Влада, дека земјата ќе се врати на реалните приоритети, а тоа се меѓународните интгерации, развојот на економијата, инфраструктурата итн.
Според кабинетот на претседателот на македонската Влада, од чешка страна било посочено дека на Македонија се гледа како на земја што може да биде кредибилен партнер на Европската унија и во тој контекст Димитриев и Соботка размениле мислења и искуства за тоа како да се помогне во делот и на евроинтеграциите и во делот на економијата и привлекувањето на странски инвестиции.
Доцна попладнево, премеирот Емил Димитриев и висока владина делегација во која се и вицепремиерите Владимир Пешевски и Никола Попоски, ќе учествуваат на Самитот на десет земји-членки од ЕУ, плус шест балкански држави, меѓу кои и Република Македонија со Народна Република Кина.