Димитриев: Да извлечеме поуки, да бидеме помудри за да можеме и во иднина да носиме правилни одлуки
На прагот сме на новата 2017 година. Годината што измина секој од нас на приватен план ќе ја памети по настани кои оставиле емоција, и добра и помалку добра, лична и семејна, но тие чувства какви и да биле верувам дека ве направиле сите вас посилни. На државен план, годината која изминува ќе остане запаметена по неколку работи, од кои пред се треба да извлечеме поуки, за да бидеме помудри, но и со повеќе верба, за да можеме и во иднина да носиме правилни одлуки, истакна во своето новогодишно обраќање премиерот задолжен за спроведување на изборите, Емил Димитриев.
За мене е најбитно, подвлече тој, дека и покрај сериозните предизвици со кои се соочуваше нашата земја, економските политики кои ги спроведуваше владата дадоа резултати, можеби не во онаа мера во која посакувавме и очекувавме но дека резултати има тоа никој не би можел да го спори.
-Невработеноста продолжи да се намалува и достигна ниво од 23,5%, кое е сеуште високо и треба да работиме да се намалува, но тоа претставува успех кој е резултат на 10 годишни политики и на многу вложен труд. Се реализираа и политики за понатамошно унапредување на стандардот на населението, и се реализираа проекти кои имаат и директно и индиректно позитивно влијание. Тоа ни дава поука и во следниот период, без разлика на се, како политичари секогаш да бидеме фокусирани пред се на економијата, и таа да е секогаш наш приоритет од кој не треба да се отргне фокусот ниту во мигови на најголеми предизвици, бидејќи раст и развој на економијата е врвна стратешка определба и врвна обврска пред народот. Кој ќе ја игнорира економијата тој се игнорира себеси, а која работи за економски просперитет тој ќе има почит од народот, рече Димитриев.
Во минатата година како држава се соочивме со мигрантската криза која е се уште еден актуелен проблем во светски размери.
-Република Македонија имаше клучна улога во справувањето со овој глобален феномен и тоа беше истакнато од многу светски и европски лидери. Тоа го сторивме со помош на нашите пријатели, но пред се потпирајќи се на домашните економски и кадровски ресурси и капацитети, и затоа оваа наша заслуга е поголема бидејќи е остварена со сопствени сили. Ова потврдува дека ние имаме капацитети, и дека наместо да се потценуваме, треба реално да ја согледуваме и да си ја вреднуваме нашата улога и позиција, која воопшто не е мала особено во надминувањето на овој предизвик. Ова пак уште повеќе ја покажува потребата и значајноста за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија, нешто што е од интерес и на нашата земја но и на европското и евроатланско семејство, и што ќе значи креација на простор кој подобро ќе се справува со ризици и предизвици, но и подобро ќе ја развива економијата, подвлече тој.
Во 2016 година, реализиравме и предвремени парламентарни избори, кои беа оценети како фер и демократски од целата меѓународна заедница, потсети Димитриев.
-Тоа за мене не беше новина, затоа што сум убеден дека сите досегашни избори кои беа спроведени ги задоволуваа демократските стандарди, а препораките за подобрување на изборниот процес секогаш уредно ги адресиравме. Владата за спроведување на изборите која ја предводев, иако функционираше во специфични и невообичаени околности, и се соочуваше со многу проблеми во своето функционирање, сепак успеа да опстане на висината на задачата. Но пред се, квалитетните избори се заслуга на целиот народ, кој покажа дека и денес е, а и во минатото бил свесен и демократски ориентиран, на рамниште на европските народи. Народ кој си ја сака земјата и се грижи за неа, и на кого му се битни националните и државни интереси. Ова ни покажува дека никој подобро и повеќе не може да се грижи за нашите работи отколку што можеме ние самите да се грижиме, рече тој.
Нам ни е потребен период на стабилизација и фокусирање на реалните проблеми, закллучи Димитриев. Период за вработувања, за подобро образование и здравство, за инвестиции во инфраструктурата и во сите потребни области. И јас сум убеден дека ние имаме сила да постигнуваме успеси.
-Политичката влада која треба да биде избрана треба да води сметка за интересот на народот и да ги решава секојдневните проблеми со кои се соочува народот, без алибија, без дефокусирања, без деструкција, туку со многу мудри одлуки, со многу труд и со посветен и одговорен пристап, со сопствени сили. И пред се со почитување на државните и национални интереси на Република Македонија, ваква каква што е и за која се залагале и бореле нашите предци и во која треба да живеат во заедништво нашите поколенија. На сите вас, почитувани граѓани, во новата година ви посакувам многу здравје и среќа, бериќет и благосостојба во вашите семејства, и можности за приватен и професионален развој. И секогаш имајте верба во вас лично, во вашето семејство, во вашите сограѓани и во нашата татковина Република Македонија, порача Димитриев.