Нов апарат за магнетна резонанца ќе добие Поликликата Чаир
Нов апарат за магнетна резонанца ќе набави Здравствен дом Скопје. Апаратот ќе биде инсталиран во Поликлиниката Чаир.
Ова денеска на средба го договорија вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров и менаџментот на Здравствен дом Скопје.
- Со набавката на апарат за магнетна резонанца сериозно ќе се подигне нивото на целиот Здравствен дом, имајќи предвид дека се набави и апарат за компјутерска томографија, кој е веќе ставен во функција. Со набавка на апарат за магнетна резонанца комплетно се заокружува високо ниво на дијагностика во Здравствен дом Скопје, изјави Тодоров.
Со набавката на апарат за магнетна резонанца, посочи, ќе се овозможи доближување на оваа услуга до сите на кои тоа им е потребно, а особено имајќи предвид дека ќе стане збор за петти апарат за магнетна резонанца во градот Скопје или осми на ниво на Република Македонија.
Потенцира дека два апарати за магнетна резонанца има во Клиничкиот центар, еден во ГОБ „8 Септември“ и еден во Клиниката по хирушки болести „Св.Наум Охридски“.
- Процедурата ќе биде започната веднаш. Се очекува некаде до средината на оваа година да се заврши процедурата за набавка, потоа до крајот на годината или почетокот на наредната година да биде испорачан апаратот за магнетна резонанца, а потоа и да биде ставен во функција, рече Тодоров.
Здравствениот дом Скопје, нагласи, се повеќе станува чувар на портите и на терциерното здравство, но и на секундарното болничко здравство во Скопје. Посочи дека само минатата година се воведени нови седум методи за кои се дадени над 7.000 услуги. Според него, оваа бројка сериозно ќе се зголемува наредната година, имајќи предвид дека некои од тие методи се воведени на почетокот на годината, некои на средината, а некои на крајот на минатата година.
- Тоа значи дека овој број пациенти наместо да бидат упатени од Здравствен дом Скопје на друго повисоко ниво на здравствена заштита или во ГОБ „8 Септември“ или на Клиника таа услуга за тие нови методи ги добиле тука во Здравствениот дом Скопје, истакна Тодоров.
Тој рече дека на средбата со менаџметот на Здравствен дом Скопје разговарале и за кадарот. Здравствен дом Скопје, потенцира Тодоров, сериозно го зајакнавме со нови специјализации, со нови вработувања, но и преземање специјалисти од приватно во јавно здравство.
- Како резултат на тоа се отворија многу нови специјалистички кабинети или се овозможи работење на специјалистичките кабинети и во втора смена со што сериозно се зголеми и бројот на услуги кои се даваат на специјалистичко ниво. Генерално можам да заклучам дека со набавката на нови и најсовремени апарати, со нови специјализации и вработувања се овозможи континуирано зголемување на бројот на услуги кои се даваат во Здравствениот дом Скопје, нагласи Тодоров.
Додаде дека за Здравствениот дом Скопје се планираат и уште неколку круцијални проекти кои, како што појасни, уште повеќе ќе го устоличат како еден од сериозните стожери во Скопје, но и на здравството во Македонија.
Тој им честиташе на менаџментот и на сите вработени во Здравствениот дом Скопје за успешната работа и континуираниот развој на оваа сериозно значајна здравствена институција во Република Македонија.
Директорката на Здравствениот дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека апаратот за магнетна резонанца од медицински аспект претставува врв во дијагностиката кој дава најдобар приказ, визуелизација на дефинитивна и детална слика на внатрешни органи и меки ткива, неинвазивна, безболна метода, која употребува нејонизирачко зрачење и е предност во однос на сите други дијагностики во радиодијагностиката бидејќи, како што појасни, може неколку пати да се повторува снимањето и дава прецизна детекција на малигни заболувања и соодветен приказ на проширување на одредено малигно заболување.
Во однос на дијагностиката, посочи дека ги следат трендовите и сето она што може да се доближи на секундарно ниво посебно со отворање нови кабинети посебно во најдисталните поликлиники. Истакна дека во сите овие неколку години со доближување на здравствената услуга кон местото на живеење, влијаат и на квалитетот на живот на секој нивен корисник.
- Од 2012 година се отворени 26 специјалистички кабинети од кои само десет во Поликлиниката Драчево како најдистална поликлиника, а сето тоа овозможено со едукација, преземање на 34 специјалисти од ПЗУ во ЈЗУ. Го следиме трендот на доближивање на услугите и системска рационализација во сегментот на примарна, секундарна и терциерна здравствена заштита и во 2016 година имаме 2.200 пациенти помалку упатени на терциерно ниво во однос 2015 година. Сето тоа ја дава онаа слика на сериозно зајакнување на ресурсите и на капацитетите на институцијата, рече Баевска Вучковиќ.
Појасни дека кабинетот за магнетна резонанца се планира да биде инсталиран во Поликлиниката Чаир, каде ќе опфаќа пет општини кои гравитираат околу оваа поликлиника, но и сите останати од градот ќе можат да ја добиваат оваа услуга.
- Само од овие пет општини од 200.000 до 250.000 граѓани ќе можат да ја добиваат оваа услуга на секундарно ниво, рече Баевска Вучковиќ и додаде дека околу еден милион денари се планирани за адаптација на просторот во Поликлиниката Чаир, каде што порано имаше Центар за дијализа.