Поддршка од 50 милиони евра за енергетски проекти за земјите од Западен Балкан
Педесет милиони евра за финансирање енергетски проекти ќе добијат државите од Западен Балкан од Европската унија преку Програмата за регионална енергетска ефикасност и Фондот за зелен раст.
Договорите за финансиите ги потпишаа претставници на Европската комисија и на Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и Банкарскиот концерн Кfw, по сесиите на Министерскиот состанок на земјите од Западен Балкан, што се одржува денеска во Скопје.
- Предвидените финансии треба значително да му помогнат на јавниот и приватниот енергетски сектор во шесте држави и да придонесат за заштеда на енергија и намалување на емисиите на штетни гасови, оцени еврокомесарот Јоханес Хан на прес-конференцијата по потпишувањето на договорите во македонското МНР.
Хан потенцираше дека со овие дополнителни средства земјите од Западен Балкан ќе можат да постигнат 1,6 тера-часови електрична енергија годишно.
- Тоа е еквивалентно на четиримесечната потрошувачка на енергија на Албанија. Значи со овие активности можеме да заштедиме една третина од потрошувачката на Албанија годишно, може да се намали емисијата на штетни гасови на годишно ниво во голема мерка што би значело на пример една година да не се возат автомобили во Црна Гора. Ова е извонреден ефект што може да се постигне доколку се сконцентрираме на прашањето за енергетска ефикасност која што влијае и врз финансиите, но има и политичка релевантност. Ако штедите енергија не мора да ја увезувате и вашата политичка позиција се зацврстува, рече Хан.
Вицепремиерот за економски прашања истакна дека се работи за значителни инструменти кои ќе помогнат државите да го подобрат функционирањето во делот на енергетиката.
- Државите што ќе аплицираат со проекти и ќе ги поминат критериумите за двата инструмента реално се квалификуваат и за многу поголемо финансирање од страна на мултилатералните финансиски институции, рече Пешевски.
Во рамки на Министерскиот совет се одржа сесија на министрите за енергетика на кој фокусот беше ставен на прогресот во реформите во секторот енергетика согласно зададените цели со т.н Берлински процес“. Реформите се во насока на хармонизирање на правната рамка и на нивото на проекти кои се спроведуваат со цел поврзување на балканските држави пред зачленувањето во ЕУ.
- Со задоволство можам да констатирам дека кај сите шест држави е направен значителен прогрес особено во агендата за поврзување меѓу државите и во делот на физичката инфраструктура во секторот енергетика, но и во правната регулатива. Се зададоа и определени цели кај секоја држава што треба да бидат исполнети до самитот во Трст годинава, информира Пешевски.
На состанокот е постигната согласност да се подигне на повисоко ниво мастер планот за регионален развој на хидропотенцијалот.
Се прават, посочи Пешевски, големи чекори за формирање заеднички пазар за електрична енергија помеѓу шесте држави за што ќе биде потребно првенствено да се хармонизира правната рамка, како и да се олесни трговијата со електрична енергија помеѓу државите.
Одговарајќи на новинарски прашања во однос на искористувањето пари од европските фондови од страна на Македонија, Пешевски рече дека капацитетот на македонската администрација постојано се зајакнува и има прогрес.
Секако дека политичката криза во изминатиот период влијаеше кај администрацијата поради низа процеси, можеби малку поспоро да се одвиваат одредени работи, но сепак генерално Македонија е добро екипирана и се движи во добра насока во делот на искористување на европските претпристапни фондови, рече Пешевски.
Како што потенцира еврокомесарот Хан, фокусот во следниот период ќе биде на економисијата. Би било одлично, појасни, доколку се создаде единствен пазар на Западен Балкан. Тоа ќе значи подобрување на можностите за трговски односи, подобрување на деловните можности затоа што денес гледаме дека има многу неискористен потенцијал во регионот.
- Има зголемување на извозот и увозот кон и од Европската унија, тоа е се во ред, но би сакале да видиме поголем пораст на трговијата во самиот регион. За оваа цел мора да се донесат одредени регулативи, мора да се отстранат одредени бариери, рече Хан.