Објавен оглас за самовработување на лица со попреченост
Лицата со попреченост можат да аплицираат за добивање грант за самовработување во висина од еден до 1,5 милиони денари во зависност од степенот на попреченост. Лицата со помал степен на попреченост во една календарска година ќе можат да добијат до еден милиони денари, а оние со потешка попреченост, односно слепи лица или со поголем степен на телесен инвалидитет до 1,5 милиони денари.
Огласот за мерката која е дел од Оперативниот план за активни мерки и политики за вработување за 2017 година е објавен денеска, а на него можат да учествуваат лица со попреченост кои се евидентирани во Агенцијата за вработување, но и лица со попреченост кои имаат потреба, знаење и желба да отворат сопствен бизнис.
- Со оваа мерка Владата дава сериозна поддршка на лицата со попреченост со цел охрабрување за отпочнување на бизниси, за развој на бизнисот, нивно самовработување, но и вработување на останати припадници на оваа целна група или, пак, лица кои не влегуваат во рамки на целната група, рече портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција.
Тој прецизира дека на огласот можат да аплицираат сите лица со попреченост, а во соодветна постапка водена од Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) и специјална комисија ќе се оценуваат нивните бизнис планови и ќе се дава логистичка поддршка со цел обезбедување можност да се здобијат со средствата.
- Лицето со попреченост ќе има можност да се здобие со 270.000 денари основна помош во опрема и материјали од страна на државата и дополнителни 100.000 денари кои ќе бидат наменети за адаптација на неговото работно место во рамките на бизнисот кој има идеја да го води. Постои опција покрај самовработувањето да може да вработи дополнителни две лица кои можат да бидат со попреченост, но и не мора, и за секое од нив да добие по 92.000 денари, како и дополнителна помош од 36.000 денари за технички и логистички потреби, со што се на се се заокружува една сума од 590.000 денари, прецизира Ѓорѓиев.
Покрај тоа, нагласи, по изминувањето на девет месеци од работата на претпријатието, кое ќе биде основана како резултат на оваа мерка, ќе се стекне со можност да добие дополнителни 20 или 40 просечни плати кои ќе бидат наменети за поддршка.
- Доколку основниот барател на средствата е лице со помал степен на попреченост ќе добие 20 просечни месечни плати, а ако е со поголем степен на попреченост 40. Во првиот случат директната владина помош ќе изнесува еден милион денари во една календарска година, а во вториот 1,5 милиони денари, рече Ѓорѓиев.
Посочи дека искуствата од претходните два циклуса во кои беше реализирана оваа мерка се многу позитивни и додаде дека се воспоставени 115 претпријатија во кои работат околу 150 лица.
Директорот на АВРМ Влатко Поповски посочи дека за мерката се предвидени почетни средства и додаде дека во зависност од интересот бројот на корисници ќе се прошири.
- Лицата со попреченост од денеска ќе можат да поднесат апликација доколку имаат утврдено степен на работоспособност. Доколку го немаат тоа првично ќе бидат упатени до Комисијата за утврдување на работоспособност и дококу добијат зелено светло ќе бидат вклучени во обука за претприемаштво што ќе трае најмалку пет дена, а во зависност од потребите може да се продолжи додека е потребно. По завршувањето на обуката ќе добијат ваучер со кој ќе можат да изберат екпсерт од листата на АВРМ и заедно со него ќе изработат бизнис план. По тоа ќе биде доставен до специјалната комисија што ја имаме воспоставено со УНДП и по рангирањето и добивањето најмалку 60 бода ќе ги добијат средствата, рече Поповски.
Основните средства што ќе ги добијат ќе бидат 270.000 денари помош во опрема и материјали, бесплатно отворање на компанија од страна на АВРМ, добивање техничка помош во висна од 36.000 денари од страна на експерт во трење од две години од започнување на бизнисот, а во зависност од траењето на фирмата и бројот на вработени и останатите предвидени средства со мерката.
- Компанијата за лицата со пореченост за целиот период на нејзиното траење придонесите по основ на социјално осигурување ги плаќа, но во рок од 90 дена Министерството за труд и социјална политика врши поврат на овие срества на компнијата што ги уплатила, појасни Поповски.