Годинава поддршка за 69 проекти на креативните индустрии
Шеесет и девет проекти од 90 пријавени на Конкурсот за финансирање проекти на креативните индустрии ќе бидат поддржани годинава од Министерството за култура.
- Препознавањето на креативните индустрии и во тој контекст и идентификацијата на економската производствена и профитабилна димензија на културата беше еден од приоритетите на Министерството за култура, кој го зацртавме и во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година, изјави на денешната прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Оваа стимулативна мерка, како што кажа, во изминатите пет години колку што се реализира овој конкурс, даде големи резултати и понуди широк простор за презентирање на вештината, имагинацијата и талентот на младите креативци во нашата држава, како и нивно соодветно валоризирање на пазарот.
Оваа година на конкурсот се пријавија 90 индивидуалци, граѓански здруженија и други правни субјекти, меѓу кои и здруженија на граѓани чии проекти се наменети за лица со посебни потреби.
Комисијата предложи финансиска поддршка за 69 проекти од областа на графичкиот, индустрискиот и модниот дизајн, како и проекти за дизајн на производ. Ова, како што кажа Канческа-Милевска, се проекти во кои се користат и традиционалните вештини и ресурси и се креираат нови и современи контексти. На листата на поддржани проекти се апликациите на 41 физичко лице и 28 граѓански здруженија и други правни субјекти, од кои четири проекти се наменети за лица со посебни потреби.
- Со денешните резултати вкупниот број на поддржани проекти во овие пет години се заокружува на 283 за кои од буџетот на Министерството за култура се издвоени 25,5 милиони денари, рече министерката за култура.
Според неа, конкурсот за креативни индустрии е само една од мерките кои ги презема Министерството и Владата во изминатиот период во насока на промовирање на знаењето како врвна вредност на општеството и создавање услови за размена и за вреднување на културните добра како придвижувачка сила на економскиот развој.
Осврнувајќи се на досега реализираните едукативни настани, обуки и форуми, како и гостувањата на многу експерти, меѓу кои и на Британскиот совет, Канческа-Милевска посочи и на отворањето на Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“. Во овој Центар од 2015 година се реализирани огромен број тематски креативни работилници, други настани, како и изложби на несекојдневни и уникатни дела создадени од млади креативци кои беа претставени и во повеќе европски земји. Таму се изложени и дела поддржани со Конкурсот за креативни индустрии.
Претседателот на Комисијата Митко Хаџи Пуља се осврна на повеќедимензионалноста на овој проект посочувајќи на економскиот, социолошкиот и културолошкиот аспект. Размислувајќи како понатаму да се поттикне развој на креативните индустрии, Хаџи Пуља рече дека е потребно образување на граѓаните и на младите за создавање нови производи, но не само во Скопје, туку и во внатрешниста.
Гордана Вренцовска, член на Комисијата, рече дека на годинашниов конкурс во делот на моден дизајн имало проекти со потемелна димензија и квалитет. Според неа треба да се поттикнат и да се образуваат сите идни апликанти да го следат тој темелен моден пристап.
Меѓу поддржаните проекти во областа на графичкиот дизајн се проектот „Македонски печат“ на Томислав Лошков од Скопје, „Симболи на охридското филигранско“ на Мирјана Николоска од Охрид, проектот „Илустрирана културна историја“ на Центарот за културно наследство „Аксос“. Во областа на индустрискиот дизајн поддржани се проектите „Кожни производи – дизајнирање, изработка и примена“ на Елена Симоновска од Скопје, проектот „Карактерен дизајн“ на Кирчо Стојоски од Охрид и „Геометриски огледала“ на Александар Зарапчиев од Скопје. Во областа на дизајн на производ, Министерството за култура ќе ги поддржи проектите „Традиционална керамика во дизајн на етно кутија“ на Здружението на граѓани „Разбој“ од Велес, „Накитот на дедо ми“ на Здружението „Пеонија“ од Кратово и „Еко дизајн на декоративни предмети: стекнување на вештини на децата и младите со посебни потреби“ на Едукативно креативниот центар „Виножито“ ОД Скопје и „Рачна изработка на кукли и рамки од дрво“ на Здружението „Алегрето“ од Тетово.
Во областа на модниот дизајн ќе бидат поддржани проектите: „Традиционална марама во современ контекст“ на Здружението за култура и развој на креативни индустрии, „КУЛТ-ТРАНЗЕН“ од Струмица, ПРОЕКТОТ Чеиз“ на Јана Манева-Чупоска од Скопје, Модна колекција инспирирана од македонскиот фолклор и македонските народни носии на Ателјето Антонија Ристовска од Скопје и проектот Будење на скопски бисери“ на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ од Скопје и други проекти.
Антонија Ристовска, која има 20-годишно искуство како моден креатор и дизајнер оваа година првпат се пријавила на овој конкурс. Нејзината женска колекција, како што кажа на прес-конференција, ќе биде инспирирана од македонската носија, но и од емоциите проткаени во тие парчиња облека. Ова за неа претставувало поттик за промоција на културното наследство. Облеката што таа ќе ја дизајнира ќе биде инспирирана со носиите од дебарскиот и гостиварскиот крај, а делови од овие носии ќе бидат аплицирани на материјали коишто таа ги печати во Италија. Моделите ќе бидат рачно доработени со мониста и туфни коишто се дел од македонските носии.
Поддржаните проекти, делата што ќе бидат создадени со нив, ќе бидат претставени на изложба која се организира на крајот од секоја година.