Tри милиони евра за рамномерен регионален развој во 2017 година
Tри милиони евра за вкупно 60 проекти предвидува годинашната Програма за рамномерен регионален развој.
Како што одлучи денеска на седница Советот за рамномерен регионален развој, 19 проекти се за развој на планските региони, 18 се за развој на селата, а 23 се за развој на подрачјата со специфичини развојни потреби. Најголем дел од проектите, 48, или 75 отсто, се однесуваат на проектирање или изведување инфраструктурни зафати.
Според одлуката на Советот, најмногу буџетски средства ќе добие најмалку развиениот, Североисточниот плански регион, 21,5 милиони денари, додека најмалку пари се планирани за најразвиениот, Скопски регион, 8,8 милиони денари. За Источниот плански регион се проектирани 11,7 милиони денари, за Југоисточниот 13,8, за Пелагонискиот 14,8, за Полошкиот 16,4, за Југозападниот 17,6 и за Вардарскиот плански регион 19,5 милиони денари.
- Унапредувањето на планските региони преку реализација на проекти од страна на центрите за развој и општините е одлична можност за јакнење на конкурентноста и за поголем раст на локалната економија, за создавање нови работни места, подобрување на условите за образование, поттикнување на културниот и рекреативниот дух, како и обезбедување подобар животен стандард, истакна вицепремиерот за економски прашања и претседавач со Советот Владимир Пешевски на заедничката прес-конференција во Владата на која присуствуваше и министерката за локална самоуправа Ширет Елези.
Осврнувајќи се на проектите, Пешевски напомена дека во Североисточниот плански регион фокусот е ставен на подобрување на условите за рурален развој и развој на туризмот, во Југозападниот регион ќе се изведуваат енергетски ефиканси објекти, во Полошко ќе се рехабилитира локалниот пат од Сушички мост до Русино, во Југоисточниот ќе се работи на изградба на два патни правца, меѓу местата Чанаклија и Нова маала и меѓу Муртино и Еднокуќево,...
- За граѓаните на Демир Хисар добра вест е дека ќе се реконструира регионалниот зелен пазар за кој ќе се инвестираат преку 100 илјади евра, подвлече вицепремиерот.
Во однос на подрачјата со специфични потреби за кои се усвоени 23 проекти, Пешевски рече дека покрај изработка на техничка документација, рехабилитација или изградба на локални патишта, се предвидува и реконструкција на домови на културата, заштита на животната средина, водоснабдување, уредување простор за рекреација и поттикнување на локалниот туризам.
Компонентата со која се опфатени селата брои 18 проекти, а од вкупно одвоените средства за оваа намена секој од осумте плански региони добива еднаков дел. Притоа, сите проекти се од инфраструктурна природа. - Иако овие проекти се со помала финансиска вредност, нивната употребна вредност по завршувањето ќе биде голема и значајна за граѓаните, дополни Пешевски.
Министерката Елези информира дека до Советот за рамномерен регионален развој на јавниот повик за 2017 година биле доставени 88 проекти, од кои 60 се одобрени.
- Од 2009 година, кога почна програмата за рамномерен регионален развој, досега, се финансирани 560 проекти со вкупно една милијарда денари. Нашата цел е средствата за развој на планските регони секоја година да се зголемуваат во рамки на буџетот, но и од други меѓународни фондови со што ефектите ќе се мултиплицираат и ќе се имплементираат поголеми стратешки зафати, потенцира министерката Елези.
Одговарајќи на новинарско прашање, напомена дека сите досега поддржани проекти за рамномерен регионалан развој се реализирани со над 99 отсто.