За две години најголем дел од Македонија ќе биде приклучен на гасоводот
За две години, ако се биде во ред, најголем дел од Македонија ќе биде приклучен на гасоводот, најави директорот на Македонски енергетски ресурси Крсте Миладинов при денешниот увид во градежните работи за изградба на магистралниот гасовод од Скопје до Гостивар со крак за Тетово.
На увидот присуствуваа премиерот Емил Димитриев, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Како што истакна Груевски, изградбата на гасоводот било предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ и се планирало да заврши во рок од три години, но се очекува да биде готов на крајот на 2018 или на почетокот на 2019 година.
Тој посочи дека паралелно ќе се гради примарната мрежа и ќе се приклучуваат големите потрошувачи од индустриските зони на гасоводот.
- Зголемувањето на бројот на потрошувачи ќе придонесе за намалување на цената на гасот, а тоа ќе значи значително намалување на крајните трошоци на компаниите за енергија, истакна Груевски.
Прецизира дека во исто време се гради и кракот од Штип до Неготино и додаде дека се планира да се изгради и крак преку Хамзали до грчката граница со цел земјата да не биде зависна од само еден увозник на гас, туку да може да увезува гас од повеќе страни.
Директорот на Македонски енергетски ресурси нагласи дека се планира гасоводот во иднина да продолжи преку Кичево за Охрид, Струга и Битола, како и да се направи интерконективно поврзување со Албанија.
- Моменталниот гасовод во Македонија има капацитет од 800 илјади метри кубни нормален гас годишно, а со новиот гасовод капацитетот ќе му се зголеми на околу милијарда и 200 милиони што се очекува да ги задоволи потребите на Македонија, рече Миладинов.
Прецизира дека веќе се расчитени околу шест километри од трасата на гасовод од Скопје кон Гостивар, од кои четири километри на делницата од Скопје за Гостивар и два километри на приклучокот за Тетово. Во скоро време треба да продолжи и расчистувањето на останатиот дел од трасата по што ќе почне копањето на каналите и поставување на цевките. Половина од цевките за гасоводот, како што рече, веќе се произведени и додаде дека гасоводот паралелно ќе се гради од неколку точки кои подоцна ќе се спојуваат.
Изградбата на гасоводот ќе чини 29 милиони евра, а ќе се реализираат 76 километри гасовод од Скопје до Гостивар и десет километри приклучок од Горна Лешница каде што беше увидот на градежните работи до Тетово.