Димитриев: Го реафирмиравме ставот дека ЕУ е врвен приоритет за Македонија
Ја искористивме приликата да го реафирмираме нашиот став дека за Македонија членството во Европската унија останува врвен приоритет, изјави во Валета премиерот Емил Димитриев, оценувајќи дека успешно завршил Самитот на европските десничарски партии во Малта каде што се одржа и Конгрес на Европската народна партија (ЕПП).
На Самитот, рече тој, имало многу дискусии на разни теми за предизвиците на Европската унија и на Европската народна партија како најбројна во Европскиот парламент.
- Една од темите беше и интеграцијата на Западниот Балкан, тема во која ние зедовме активно учество, со наши позиции како ние гледаме на тоа. Ја искористивме приликата да го реафирмираме нашиот став дека за Македонија членството во Европската унија останува врвен приоритет. Дискутиравме за идните предизвици - и во делот на интегрирањето, и во однос на предизвиците од аспект на можноста да се појави нов мигрантски бран, сето она што може да биде предмет на соработка помеѓу аспирантите од Западен Балкан и Европската унија, изјави Димитриев.
Претседателот на Владата додаде и дека македонската делегација имала голем број билатерални средби со премиери и со претседатели од ЕПП.
- Нашите дискусии беа во насока дека е време Европската унија да отпочне со преговорите и отворање на поглавјата за нашето полноправно членство. Договоривме и наредни видувања, од овој самит договоривме уште еден состанок кој ќе биде под покровителство на министерот за надворешни работи на Италија, заедно со земјите од Западен Балкан, за побрзо да ги креираме процесите. Сметаме дека почестите гледања и договорања на конкретни работи ќе вложат со крајниот резултат, а тоа е интеграција на овој дел од Европа во европското семејство, додаде Димитриев.