Седница на Економскиот совет
Степенот на реализација на активностите за изградба на технолошко-индустриските развојни зони и планот за нивна реализација за идната година, се меѓу најзначајните заклучоци на денешната седница на Економскиот совет со кој претседаваше премиерот Никола Груевски.
Директорот на Дирекцијата за технолошки-индустриски развојни зони Виктор Мизо изјави дека на седницата станало збор за завршување на сите инфраструктурни активности во зоната Скопје 1, а зоните Скопје 2 и Штип, како што рече, ќе бидат функционални во 2012 година.
Тој посочи дека за зоната Тетово постои тендер за изнаоѓање партнер кој заедно со државата би пристапил кон изработка и оперирање на инфраструктурата и потоа менаџирање со зоната, а истовремено ќе почнат и сите други активности кои вклучуваат планирање, проектирање и почеток на градба на сите останати технолошки-индустриски развојни зони за да се стигне со тој број 11 зони планирани во Програмата на Владата и во буџетот на Дирекцијата за технолошки-индустриски развојни зони.
- Беше разговарано и за почетокот на активностите на АД ТЕТО кое на 28 декември ќе почне со прототипно и пробно производство што значи во јануари ќе заврши целиот процес за да може потоа активно да биде вклучен во енергетскиот систем на Македонија, рече Мизо.
На седницата, истакна тој, станало збор и за динамиката која треба да се преземе од гледна точка на изнаоѓање стратешки партнер за компаниите кои се уште се во државна сопственост - ЕМО, Охис и Тутунски комбинат.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има најава за конкретни инвестиции, Мизо рече дека во моментот разговараат и преговараат за неколку компании и кога тие ќе ја донесат конечната одлука ќе ги информираат медиумите.
- Се надеваме дека дел од овие компании треба во крајот на првиот и во средината на вториот квартал да донесат одлуки, но мора да се земе во контекст и она што се случува во Европа и какви ќе се економските предвидувања, што може на некој начин дури и да влијае врз основа на динамиката, бидејќи криза не значи само застанување или одложување на инвестиции, туку и забрзување поради зголемени трошоци на други места, посочи Мизо.
Областите на компаниите со кои се преговара, потенцира тој, се од автомобилската, хемиската индустрија, електроника, производство на индустриски текстил.
- Дел од нив ги сретнавме на „роуд шоуата“ оваа есен значи без разлика дали тоа беше Европа, Азија или Америка. Имаме од сите три континенти заинтересирани компании. Се надеваме дека оној бран инвестиции кој беше за време на летото и почетокот на есента и компанијата која минатата недела го потпиша договорот дека ќе имаме продолжување на тој тренд во првата половина на идната година, додаде Мизо.