Манифестација „Црвен тепих за граѓаните” во Владата
Во Владата на Република Македонија денеска се одржа манифестацијата „Црвен тепих за граѓаните”, во чии рамки тие имаа можност да ја посетат Владата и непосредно да се запознаат со работата, начинот на функционирање, спроведувањето на владините политики, како и со организацијата на нејзината работа.
Граѓаните ги обиколија просториите каде што се креираат владините политики и се организираат тимови од кои зависи функционирањето на државата. Домаќини им беа вицепремиерите за евроинтеграции, за економски прашања и за имплементација на Рамковниот договор, Теута Арифи, Владимир Пешевски и Муса Џафери.
Граѓаните се интересираа како функционира владиниот кабинет, но и каде и како се носат одлуките од Економскиот совет кој секој понеделник одржува седници, а на денешната присуствуваа и тие. Граѓаните задоволни што имаа можност од да се запознаат со работата на владините структури.
- Воодушевен сум, многу е љубопитно и интересно каде се собираат, што се собираат, што одлучуваат. Важно се е во ред. Убаво не пречекаа, не прошетаа. Видовме, се е во ред, истакнаа неколку граѓани.
За да ги слушне размислувањата и проблемите на граѓаните Владата редовно организира и Ден на идеи кога имаат најнепосредни контакти со министрите и со премиерот. Во текот на денешниот ден по групи, искористувајќи ја можноста во рамки на манифестацијата „Црвен тепих за граѓаните“ тие ги посетија и салите за билатерални средби, но и Дебатната сала каде што вообичаено за јавноста се соопштуваат одлуките по редовните владини седници.