Прва официјална средба на Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи со Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денес ја одржа првата официјална средба по неговото назначување, со Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар.
На средбата Вицепремиерот Османи и Амбасадорот Жбогар разговараа за приоритетите на кои ќе работи новата Влада во наредниот период, во рамките на активностите посветени на интеграцијата во ЕУ. „Соочени сме со големи предизвици за да го надокнадиме изгубеното време, поради продолжената политичка криза, и да ја вратиме земјата на патот кон интеграција во ЕУ. Се надеваме дека ќе го оствариме тоа во тесна соработка со сите општествени чинители во земјава, со поддршка од нашите меѓународни пријатели, и особено во пратнерство со Европската комисија и Делегацијата на ЕУ“, истакна Османи. Тој го информираше амбасадорот дека на негов предлог Владата донесе одлука одблиску да ја следи динамиката на реформите за интеграција во ЕУ, во согласност со Итните реформски приоритети, како и за детален увид во статусот на ИПА фондовите, со цел да се подобри искористувањето на истите. Вицепремиерот Османи ја потврди уште еднаш позицијата на новата Влада, дека интеграцијата во ЕУ останува стратешки приоритет на земјата.
На крајот од средбата Вицепремиерот Османи и Амбасадорот Жбогар се согласија дека е потребно напорно да се работи на реформите, преку тесна соработка на Владата и Собранието во наредниот период, со цел да се спроведат неопходните реформи за обезбедување на услови, на национално и на меѓународно ниво, за пристапување на Македонија во Европската Унија.