Јанкулоска и Дачиќ во Ниш потпишаа Протокол за соработка по повод ЕП во ракомет 2012
Министрите за внатрешни работи на Република Македонија и на Република Србија, Гордана Јанкулоска и Ивица Дачиќ, денеска во Ниш потпишаа Протокол за соработка меѓу двете министерства во областа на безбедноста по повод претстојното Европско првенство во ракомет, што ќе се одржи во Србија во 2012 година.
Протоколот ја регулира целокупната соработка и однесувањето на полициските службеници кои по повод овој настан од Македонија ќе бидат присутни во Ниш, односно во Република Србија.
- Протоколот пред се се однесува на превентивното дејствување на организациските работи во смисла на движење на навивачките групи, однесување на публиката, како и евентуално предавање на лицата кои сториле одреден прекршок на територијата на Република Србија, односно го нарушиле јавниот ред и мир, рече министерката Јанкулоска, изразувајќи уверување дека одредбите кои се однесуваат на сторени прекршоци нема да има потреба да бидат ставени во сила.
Таа очекува публиката која во голем дел од Македонија ќе биде присутна во Ниш ќе ги бодри македонските репрезентативци на спортски начин.
Како што беше потенцирано на заедничката прес-конференција на министрите Јанкулоска и Дачиќ, во Македонија веќе се дистрибуирани 3.000 блок-карти за натпреварите на македонската репрезентација во Ниш.
Во наредните неколку недели, потенцира министерот Дачиќ, се очекува и официјално да стапи во сила потпишаниот Договор, односно Законот за преминување на државните граници само со лична карта што е, подвлече, во интерес исклучиво за граѓаните на Србија и на Македонија.
На прес-конференцијата беше појаснето дека согласно Протоколот полициите на двете земји врз основа на проценка на ризикот ќе го утврдат бројот на полициските службеници и начинот на кој тие ќе постапуваат.
Овој Протокол, според Јанкулоска, беше неопходен за да може да се пристапи кон изработка на заеднички оперативен план. Сега е вистинскиот момент, смета таа, да се направи анализа на профилот на навивачките групи, односно проценка на ризикот во смисла на тоа дали помеѓу луѓето што се очекува да присуствуваат на спортските натпревари има познати нарушители на јавниот ред и мир. Зависно од овие параметри ќе се димензионира групата на полициски службеници од Македонија кои ќе бидат присутни во Ниш.
- Европското првенство мора да биде настан на кој ќе победи спортот, односно настан на кој нема место ниту за насилство, ниту за недолично однесување и извикување пароли со непријателски содржини, е пораката што ја упати министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Србија заедно со директорите на бироата за јавна безбедност на двете земји направија обиколка на спортската сала „Чаир“ каде ќе се одвиваат натпреварите во ракомет во Ниш.
Јанкулоска и Дачиќ констатираа дека денеска потпишаниот Протокол е само потврда пред се на добрите меѓусоседски односи, но и на добрата соработка меѓу двете министерства со што се потврдува уште еднаш оти полициите од регионот посебно тие од соседните држави, истакна Јанкулоска, се упатени на меѓусебна соработка.