Владата донесе одлуки за пожарот кај Делогожди, за заштита на граѓаните од топлото време, усвои решенија во интерес на вработените во Железници и Еурокомпозит

 

Владата на Република Македонија на денешната седница усвои повеќе одлуки од директен интерес на граѓаните на Република Македонија.

Владата ја разгледа ситуацијата со пожарот над Караорман, кај Делогожди, струшко. Активирани се противпожарни служби од Струга и од Охрид, а по потреба ќе биде активирана и од Кичево. Задолжен е Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи да ја следи внимателно ситуацијата на теренот и доколку е потребно да се преземат дополнителни активности за заштита од пожарот. Од утре сабајле пожарот ќе се гаси и од воздух со авиони, коишто вечерва не можат да полетаат поради стандардните процедури коишто не предвидуваат летање во ноќни услови.

Владата на денешната седница ги потврди соопштените мерки од Министерството за здравство коишто се однесуваат на упатства до граѓаните и фирмите за дејствување и работа со оглед на високите временски температури и поради УХМР прогласи портокалова фаза во  Македонија и донесе соодветни одлуки за постапување.

Според препораките од Министетството за здравство ослободени се од работните обврски најранливите групи на населението, како што се - бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години. Препорачано е установите за згрижување на децата, градинките, да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на Република Македонија и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници. И со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на  обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Врз основа на ова, Владата вечерва одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи, да ги почитуваат препораките. Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Владата одлучи оваа мерка да биде со времетраење од 3 дена, до понатамошно одлучување. Владата и надлежните органи будно ја следат состојбата и доколку има потреба ќе бидат преземени мерки согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови, врз населението во Република Македонија. Исто така, работното време градинките треба да го организираат во периодот од 7 до 17 часот. Градинките не треба да практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено после 11 часот. Владата зазема став сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници

На денешната седница, Владата донесе одлуки за две претпријатија во државна сопственост во интерес на вработените.

Владата на Република Македонија најде решение и за проблемот со државното претпријатие 11 Октомври Еурокопмозит, чиишто вработени штрајкуваат поради неисплатени плати. Овластен е вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, во име на Владата да потпише спогодба помеѓу раководството на Еурокомпозит и претставниците на градскиот синдикат СЕИР, со којашто секоја од страните ќе биде должна да го реализира својот дел од преземените обврски и претпријатието ќе продолжи со работа, а вработените ќе можат да земат плата.

Владата на денешната седница донесе одлуки со коишто се помага сметката на претпријатието Македонски железници АД Скопје да не биде блокирана, за да не останат вработените без плати, поради направените големи долгови на ова претпријатие кон АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО и заканата од присилно извршување. Донесена е одлука да се препорача претпријатието преку одделни средби со двете компании заеднички да ја утврди целата состојба на должничко доверителските односи и да  се пристапи кон изнаоѓање спогодбено решение, како и за тоа веднаш да ја известат Владата. Одлучено е да се препорача на АД МЕПСО да донесе одлука за повлекување на предлогот за присилно извршување на паричното побарување против МЖ Транспорт АД Скопје и за тоа МЕПСО веднаш да ја информира Владата.