Со ребалансот ќе се скрати комодитетот, а ќе се даде повеќе поддршка на бизнисите што отвораат работни места

Со ребалансот, што се подготвува во моментов, ќе се скрати комодитетот на луѓето на Власт, а ќе им се даде повеќе поддршка на бизнисите што отвораат работни места, истакна министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски, во неговото обраќање на годишното собрание на Европската бизнис асоцијација.

Тевдовски пред стопанствениците, членки на ЕБА, рече дека предизвик е и финансирањето на јавниот долг поради сериозното задолжување во последниве 9 години.

- Нашиот пристап е да се обезбеди државна поддршка за да  се движи економијата повторно, а долгот да се финансира со што е можно пониска каматна стапка, потенцира.

Тој на стопанствениците им вети дека новата реформска Влада ќе ги отвори каналите за комуникација со бизнис заедницата, бидејќи е многу важно да се слушне нивното мислење за проблемите и можните решенија.

- Ние мислиме дека македонската економија може да успее ако деловниот амбиент е слободен, без политички притисоци и казни. А, носењето на законите да биде предвидливо и во комуникација со бизнис заедницата, рече тој.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, на Годишното собрание на ЕБА рече дека странските инвеститори во Македонија биле финансирани со 10 до 50 отсто од државниот Буџет, а некои добивале пари и за секое работно место, но нивната соработка со домашните компании била 0 (нула) до 1 процент.

Во обраќањето, Анѓушев порача дека ваквата пракса ќе се смени.

- Владата ќе продолжи да ги поддржува странските инвеститори, но зависно од нивната интеракција со македонското стопанство. Ако ги растете само странските инвестиции, а не и македонската економија, тој модел не може да биде одржлив на долг рок. Сите странски инвеститори треба да бидат максимално заштитени, да се чувствуваат и да работат комфорно. Сите се добредојдени, но многу е битна интеракцијата меѓу нив и македонското стопанство, нагласи Анѓушев, додавајќи дека критериумите мора да се изедначат и дека ќе биде задоволен ако за време на неговиот мандат соработката меѓу странските инвеститори и домашните фирми достигне најмалку 10 отсто, рече Анѓушев.

Тој најави дека за околу еден месец ќе биде објавен комплетен извештај за парите што ги потрошила државата на странските инвеститори во зоните.