Средба на премиерот Заев со германскиот државен секретар Рот: Направени се позитивни придвижувања, Германија ја поддржува реформската Влада на Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, попладнево се сретна со државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Република Германија, Михаел Рот, придружуван од германската амбасадорка во Македонија, Кристине Д.Алтхаузер.
Високиот дипломат од Германија, Рот му честиташе на премиерот Заев за неговото назначување за претседател на Владата на Република Македонија. Германскиот државен секретар Рот дојде со силна поддршка од Германија за чекорите на премиерот Заев и на новата Влада на Македонија, во првиот месец од формирањето. Се оценува дека се направени видливи позитивни придвижувања што најавуваат резултати во евроинтеграциските процеси, а во премиерот Заев се гледа како на лидер кој може да ги понесе позитивните промени за Република Македонија и за нејзините граѓани.
Државниот секретар Рот посебно ги поздрави интеграцијата на граѓанскиот сектор во реформските процеси, како и политиките на добрососедство што ги манифестира новата Влада.
„Владата на Република Македонија е определена кон инклузивни политики на отвореност кон целата општествена јавност којашто сака и може да помогне во реализацијата на реформската агенда, вклучително и на опозицијата. Исто така цврсто сме насочени кон градење мостови на соработка со нашите соседи и со пријателите од меѓународната заедница, коишто даваат значајна поддршка на Македонија во демократските процеси“ рече премиерот Заев.
Премиерот Заев се заблагодари на државниот секретар Рот за големата принципиелна и пријателска помош на Македонија од Република Германија во процесот на надминувањето на политичката криза, како и во остварувањето на стратешките цели на државата, интеграциите во ЕУ и во НАТО. Германскиот дипломат Рот најави дека Република Германија ќе ја продолжи поддржува Македонија во реформскиот процес што треба да обезбеди владеење на правото, слобода на говор и да ја осигура демократијата во државата како важни европски вредности.