Средба на премиерот Заев и владини министри со поглаварот Стефан и претставници на МПЦ-ОА: Црквата ги поздрави отворените и конструктивни политики на новата Влада
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министрите за внатрешни работи, за образование и за култура, Оливер Спасовски, Рената Дескоска и Роберт Алаѓозовски, попладнево се сретна со претставници на МПЦ – ОА, поглаварот г.г. Стефан и владиците на Дебарско-кичевската епархија, Струмичката епархија и епископот Хераклејски, г. Тимотеј, г. Наум и г. Климент.
На средбата се разговараше за повеќе отворени проблеми со коишто се соочува МПЦ и можностите на Владата, во рамки на законите и нивното почитување да помогне во решавањето.
Премиерот Заев соопшти дека Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ја има целосната поддршка на Владата во затворање на сите посочени проблеми, низ меѓусебен дијалог и консултации.
Преставниците на МПЦ се пожалија на образовни проблеми, долгогодишна негрижа на црковното културно наследство, узурпација на црковно земјиште, за што досега немало политичка волја за решенија. Посочија дека Богословскиот факултет се соочува со финанскиски проблеми, што Црквата не може самостојно да ги покрие. Побараа факултетот од придружна членка на УКИМ да биде интегриран целосно во Универзитетот, исто како и средното Богословско училиште во образовниот систем, за да може учениците по завршувањето да имаат можност за избор, на кој факултет ќе се запишат.
Се зборуваше и за соодветен статус и третман на предметот Етика на религиите во училиштата. Исто така потенцирани се бројни конкретни примери, каде што поради негрижа од државата, се оштетени вредни икони, како на пример во Музејот на Македонија, иако за тоа не биле потребни големи финансиски средства. Посочено е и на бројни оштетувања на црковни објекти како што е на манастирската црква Свети Пантелејмон во Нерези, каде што прокиснува кровот што ги загрозува иконите.
Побарана е помош и за заштита на вредни икони кои се чуваат во несоодветни услови или во испразнети села, со можност за злоупотреби и кражби. На средбата се разговараше и за можноста за враќање на одземеното земјиште од Црквата, кај манастирот Свети Наум.
Премиерот Заев и присутните министри најавија целосна посветеност низ заеднички работни и консултациски тимови да се најдат соодветни решенија за сите прашања и проблеми.
Претставниците на МПЦ ја поздравија отвореноста на премиерот Заев и на Владата за принципиелна соработка во интерес на граѓаните и на Република Македонија.