Заев: Договорот со Бугарија е основа за добрососедство и пријателство и ги застапува националните интереси на Република Македонија
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,
Дозволете прво со вас, граѓаните, да го споделам задоволството од она што денеска во срцето на демократијата, во македонскиот парламент се случува, веројатно за прв пат.
Власта, опозицијата и граѓаните од сите етнички заедници, се обидуваат да градат консензус по прашања важни за сите граѓани и за нашата земја, Република Македонија.
Самиот чин што ова го правиме е за поздравување и за висок респект и јас сум благодарен и на владејачките парламентарни групи и на опозициските парламентарни групи, за нивниот конструктивен прилог во градењето на национален консензус по прашања важни за сите граѓани и за Република Македонија.
Денешната седница имаше за цел консултации и можност претседателот на Владата на Република Македонија и моите советници, да добијат сугестии од власта и од опозицијата во Парламентот во однос на прашањето Договорот за добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија. И навистина, оваа консултативна фаза помина онака како што е редот. Ги добивме сите можни грижи и сите потврди на позитивните аспекти на ваквиот договор којшто во натамошна постапка и фаза ќе има и други консултации со владата, консултации со граѓаните и на крајот ќе го доживее и чинот на потпишување.
Уште еднаш да напоменам дека наша желба е да потпишеме ваков договор. Досега имаме одлична база за компромис помеѓу двете земји. Договорот станува конечен со ратификација во Парламентот, што значи дека ниту еден поединец не одлучува за вакви работи туку тоа се институциите, во овој случај Парламентот на Република Македонија.
Договорот е основа за добрососедство и пријателство. Двете држави во иднина ќе работат поблиску за взаемен успех. Договорот е добар за националните интереси на Република Македонија. Од држава со проблеми стануваме држава што ги решава проблемите. Ја зајакнуваме нашата позиција во регионот и во меѓународните односи.
Со договорот, Владата на Република Македонија уште еднаш ја афирмира посебноста на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Во договорот нема дилеми дека се работи за две држави, два народи и два јазици. Со договорот се отвораат нови перспективи на соработка со соседите и забрзување на процесот на интеграции во ЕУ и НАТО.
Со потпишувањето на договорот ние стануваме пример за соработка во Југоисточна Европа. Ретки се државите во регионот кои отворените прашања ги решаваат по сопствена волја, взаемно, ако има искрена волја и од другата страна.
Договорот ќе помогне за поврзување во патната и гасната инфрастуктура меѓу двете држави. Ќе се унапреди размената на стоки, услуги и капитал. Трговската размената сега изнесува 500-600 мил евра, зошто да не биде 1 милијарда евра? Ќе се даде јак импулс на изградбата на Коридор VIII. На самитот во Трст, Македонија доби грант од ЕУ од 70 милиони евра за изградба тој коридор.
Ќе има гранични и царински олеснувања. Младите од двете држави се поврзани, да ја олесниме нивната заедничка европска иднина. Постоечките гранични премини ќе се реновираат, ќе бараме отворање нов премин кај Берово.
Заедно ќе ја спречуваме недобронамерната пропаганда доколку се појави внатре во државите, заедно ќе бидеме против говорот на омраза и заедно ќе го поразиме национализмот.
Република Бугарија цврсто го поддржува приемот на Република Македонија во ЕУ и НАТО, без да не условува со решавање на спорот за името.
Република Бугарија ќе ни ги пренесе сите искуства од европските интеграции, особено во делот на прибирање средства. Бугарија користи 97% од сите фондови што ги имаат на располагање од ЕУ.
Успехот со постигнување на договорот е заеднички и национален. Успехот е на сите граѓани и на сите влади. Процесот е започнат и воден од претходната влада, ние го финализираме. Иницијативата за договорот е започната во 2009 година и до 2016 година одржани се 10 заеднички комисии меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Во тоа име, го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да учествува во заедничкиот успех и да даде поддршка на овој Договор.
Новата реформска Влада ќе води политика на пријателство и соработка и ќе ги решава сите отворени прашања кои Република Македонија ги има во надворешната, но и во внатрешната политика. Новата реформска Влада безрезервно е посветена на отворањето на нови перспективи за развој и напредок на Република Македонија. Од држава која создава проблеми стануваме држава која решава проблеми. Водиме политика на сплотување, а не на делби.