Заев на свеченоста во САНОС: Владата ќе ги поддржи домашните претпријатија, важно ни е секое работно место за граѓаните!

 

Почитувани присутни, почитувани работници, вработени во Санос, почитувани претставници на капиталот на Санос,

 

За мене е големо задоволство да бидам присутен денес овде на еден ваков настан, кога еден наш домашен производ излегува надвор освојувајќи странски пазари, а претставувајќи го квалитетот на нашата домашна работничка рака и на нашето домашно производство.

 

Навистина домашните компании беа заборавени во периодот зад нас. Денеска сум овде и да дадам поддршка на целото домашно стопанство, да најавам дека ќе ги изедначиме сите услови за работа на домашните компании со странските во функција на нивна поддршка и помош.

 

 

Ова што беше истакнато овде, од менаџментот како очекување, треба да биде со причина и со право, затоа што сум човек кој потекнува од приватниот сектор и знам што значи на 1-ви да се обезбеди плата. Знам што значи да имате среќни работници овде и знам  што значи да се создава домашен производ, знам што значи борбата за секое ново работно место, за секое среќно семејство кога ќе дојде до плата повеќе. Знам што значи и ако може таа плата макар 5%, 10% или 15% да порасне, оти навистина благодетите од водењето грижа за работниците ќе ги чувствуваат и бизнисмените, но и целата држава.

 

Јас денес со моето присуство овде, сакам да оддадам почит кон менаџментот на компанијата, но овде сум пред сè да се поклонам пред овие работници, кои што во ова тешко време, со оваа традиција на оваа фабрика издржале и создале едни вакви прекрасни дела со кои јас, а верувам и цела Македонија, се гордее, како што се гордеат и тие.

 

Овие автобуси коишто денеска се подготвени да тргнат на пат, претставувајќи ја нашата Македонија, посакувам, да го отворат патот за нови вакви извози, продажба на домашни производи и за Санос и за целата македонска економија.

 

Овој производ кој што имав прилика да го видам, еве лаички, јас не сум стручњак за ова,  прекрасно изгледаат внатре. Знам дека дваесеттина  работници ги имаат изработено овие автобуси,  за што треба да бидете посебно горди, оти и јас сум горд на вас. Горд сум затоа што Македонија произведува свои домашни производи и освојува пазари.

 

Покрај целиот овој аранжман кој што Санос го има со Казахстан за повеќе од 70 автобуси, сакам да покажам и да изразам недвосмислена поддршка од вашата Влада, од Владата на Република Македонија, за вашите амбиции и аспирации да го зголемувате вашето производство.

 

Ние сме тука да бидеме ваш сервис, ваша служба, ваша поддршка и ваша асистенција. Да заработувате, да создавате профити, со обврска да го споделите овој профит колку што можете повеќе со прекрасните работнички раце, кои што навистина го создаваат и профитот и иднината на секоја од компаниите.

 

Сметајте на директни повластици од државата за секое ново работно место, за секој нов продукт, за секое ново производство.

Идеите, што ги наметнувате и при ваквите прилики, широкоградо со широко раширени раце, ќе ги пречекаме за да ги поддржиме, а со тоа да обезбедиме пласман и на оваа фабрика и на многу други фабрики ширум Македонија.

 

Посакувајќи ви многу радости и успеси, во време на слобода, кога спокојот  се врати генерално во државата, сметајте на пријатели во новата Влада на Република Македонија, за да можете да чувствувате вистинско охрабрување во вашите планови и аспирации кои ќе ги создавате во периодот кој предстои пред нас.

 

Нека е честито ова производство на првите 5 автобуси подготвен за Казахстан, посакувајќи ви уште многу многу вакви убави производи, кои ќе ни ја красат Македонија и ќе бидат убав репрезент на она што Македонија може да му го понуди на светот.

Нека е со среќа и со многу успех во иднина.