Нов модел за привлекување странски инвестиции, фокус на поголеми плати за работниците
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев оствари средба со претставници на триесетина компании, најголемиот дел корисници на државната помош, но и од компании кои покажале интерес да инвестираат во Република Македонија.
Оваа средба беше одржана со цел да се отстранат дилемите кај постоечките странски инвеститори, но и за да се презентира дел од новиот концепт за привлекување на инвестиции од страна на Владата.
„Договорите кои се потпишани од страна на Република Македонија со инвеститорите во ТИР зоните, локалните економски зони или во браунфилд инвестициите, ќе бидат во целост испочитувани, и тука нема потреба од никаква грижа. Во договорите има обврски и од страна на инвеститорите и од страна на државата. Доколку инвеститорите ги исполнуваат своите обврски согласно договорите, државата во целост ќе ги исполни своите обврски“, изјави вицепремиерот Анѓушев.
Вицепремиерот се осврна на досегашниот модел како и на новиот модел на привлекување на инвеститори во Република Македонија.
„Досега со инвеститорите, кои што се претежно од странство, се потпишуваа два вида на договори, едниот за помош при изградба на инфраструктура и изградба на производствени капацитети, додека вториот е за директна државна помош. Вториот договор опфаќа стандарден сет кој подразбира десетгодишно ослободување од плаќање на данок на добивка и персонален данок за вработените, ослободување од плаќање на царина и ДДВ за увоз, но и директна финансиска помош за компаниите која варира од компанија до компанија и дискреционо била определувана”, даде објаснување Вицепремиерот.
Според вицепремиерот токму определувањето на директната државна помош која се определувала различно за секоја компанија е она што е проблематично. Новиот концепт ќе обезбеди транспарентност преку дефинирање на јасни критериуми.
„Ќе работиме домаќински, првиот договор за изградба на инфраструктура и производствени капацитети ќе остане, ако веќе е вложено во изградба на технолошко индустриските развојни зони, ние ќе продолжиме со напори да ги полниме со нови инвеститори. Стандардниот пакет на мерки, за даночни и царински олеснувања ќе продолжи да се дава и на новите инвеститори, но дополнителната финансиска помош ќе биде распределена по јасни и дефинирани критериуми и нема да биде дискреционо право на било кој преговарач да дава или да не дава нешто“ дополни Анѓушев.
Со субвенции ќе се стимулира вработување на лица со завршено високо образование, за да се задржат високо образованите кадри да останат во земјата, ќе се поттикнува отворање на развојни технолошки центри на компаниите, а исто така силно ќе се поддржи подигнувањето на нивото на соработка со домашните компании.
Аврам Стојчевски, генералниот директор на „Ван Хоол“ во Бунарџик и претседавач на Асоцијацијата на компаниите од автомобилската индустрија од името на странските инвеститори изјави дека веќе се разјаснети одредени нејаснотии и стравови на инвестиорите кои биле поврзани со плановите на Владата во врска со постоечките странски инвестиции и даде поддршка на она што се планира во иднина.
„Сепак, ние подготвивме неколку предлози со кои бараме измени на закони кои го отежнуваат работењето на странските инвеститори. Тука пред се мислам на нејаснотии и црни дупки во законите поврзани со Управата за јавни приходи, Царината, како и МВР во делот за дозволите за престој на странците“, рече Стојчевски.
Поддршката на инвеститорите ќе биде во рамките на Законот за контрола на државната помош, односно максималната државна помош ќе изнесува до 50% од вкупната инвестиција. Владата нема да прави разлика во врска со сопственоста на компаниите, дали е македонска или странска сопстеноста, бидејќи изградбата на нови фабрики и отворањето на работни места за граѓаните е многу значајно за побрз и поинтензивен економскиот раст на Република Македонија.