Министерот Ивановски на средба со претставници на Сојузот на стопански комори на Македонија
Посети на микро, мали и средни фирми во 20-ина општини низ целата држава со цел заеднички дијалог за подобрување на бизнис-климата преку намалување на административните процедури и нивно учество со предлози во самата легислатива.
Тоа го најави денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски по средбата со претставници на Сојузот на стопански комори на Македонија, како дел од активностите што ги спроведува за четвртата фаза од регулаторната гилотина каде акцентот е ставен на малите и средни претпријатија.
- Во втората половина на јануари ќе посетиме 10 до 20 општини при што директно ќе се запознаеме со предизвиците на микро и малите претпријатија, а во соработка со ССК ќе организираме трибини преку кои ќе ги запознаеме компаниите со последните законски измени, системите што ги имплементираме со цел подобрување и прифаќање на предлозите кои доаѓаат од бизнисот, изјави министерот Ивановски по средбата.
Во тој процес, според него, пред се е важно вклучување во системот за проценка на влијанието на легислативата РИА. Стопанските комори и секое физичко лице на тој начин ќе може да ги коментира законите кои влегуваат во владина процедура. Учеството на фирмите со коментари и предлози во овој дел е значајно, посочи Ивановски, но активностите што ќе следат се значајни и за нивна подобра информираност затоа што инспекторите на терен ќе утврдуваат дали ги почитуваат законите.
Според Митко Алексов, претставник на ССК, соработката со МИОА ќе продолжи преку заедничките активности за посета на компаниите. - Ќе ги запознаваме со бенефитите од имплементацијата на РИА-системот со цел натамошно растоварување на микро, малите и средните фирми во делот на поедноставување на законската регулатива и времето за добивање одредени лиценци, дозволи и одобренија. Целта е да бидат повеќе фокусирани на својот бизнис и со тоа да придонесат за поголем економски раст и пред се за намалување на невработеноста, изјави Алексов.
На барање на ССК, МИОА го продолжило до 15 јануари рокот за доставување бизнис-планови за проектот „50 електронски продавници“, кој истекува задутре. Причина за ваквото барање, според Алексов, била оценката на членките на оваа Комора дека дадениот рок е краток.
Ивановски најави дека по конкурсот за 50 електронски продавници што е во тек, кон крајот на следната година ќе следи уште еден конкурс за уште 50 со што во 2013 со овој проект треба да се овозможи отворање на вкупно 100 електронски продавници.