Средба на премиерот Заев со американскиот потпретседател Пенс: Република Македонија може да смета на САД во реформските процеси и интеграцијата во НАТО
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска во Подгорица имаше билатерална средба со потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
Американскиот потпретседател Пенс соопшти дека Република Македонија може да смета на поддршката од САД и изрази поддршка на политиките на Владата на Република Македонија, како и на заложбите на Република Македонија за членство во НАТО.
„Ставот на претседателот на САД, Доналд Трамп е дека САД стои зад Република Македонија и зад регионот во определбите за интеграциите во НАТО“ пренесе потпретседателот Пенс.
Американскиот потпретседател Пенс се интересираше за реализацијата на Планот 3-6-9, при што нагласи дека е од големо значење да се обезбеди владеење на правото во Македонија.
За САД, од големо значење се демократските процеси и во делот на борбата против корупцијата, слободни медиуми, витализирање на граѓанското општество, доброто управување.
Ставот на потпретседателот Пенс е дека премиерот Заев ги води реформските и интеграциските процеси со позитивна енергија и ентузијазам што се во согласност со потребите на регионот за нова генерација лидери ослободени од минатото, кои гледаат во иднината на своите граѓани и својата земја.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев е во Подгорица придружуван од заменик претседателката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, заменик претседателот задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем Хазби Лика, министерот за надворешни работи Никола Димитров и проф. д-р. Стево Пендаровски на Самитот на земјите на Јадранската повелба.
Општата оценка од Самитот кој заврши предмалку е дека регионот покажува голема меѓусебна солидарност, што ја има поддршката од Соединените Американски Држави, коишто, како што пренесе и потпретседателот Пенс, стојат заедно со Република Македонија и со сите земји членки и набљудувачи на Јадранската група во стабилноста, просперитетот и евро-атлантските интеграции.