Попоски: Грција позитивно да одговори на конструктивноста на Македонија
Македонија конструктивно придонесува во разговорите за надминување на спорот за името со Грција. Економските предизвици со кои се соочува Атина на домашен план, не треба да бидат причина за избегнување на реализацијата на стратегиската цел на регионот, а тоа е интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО, рече шефот на македонската дипломатија Никола Попоски кој денеска и утре претседава со Амбасадорскиот совет.
- Република Македонија не дава никакви аргументи за неконструктивност во својот пристап. Тоа е нашата политика и огледало. Останува на Република Грција да го пресретне тоа и да пристапи со позитивистички став, кој во преден план ќе ги стави стратешките интереси на целиот регион. Навистина е објективен фактор тоа што се соочуваат со сериозни економски предизвици на домашен план, но тоа во никој случај не смее да биде причина за избегнување на реализацијата на стратегиската цел на регионот, а тоа е интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО. Нашето дејствување и пристап по ова прашање е конструктивен со добри намери и со цел да оствариме додатна вредност за двете земји и за целиот регион. Треба да се избега од концептот на игноирање на ваквиот наш став, подвлече Попоски одговарајќи на новинаско прашање.
Најави дека наредната 2012 ќе биде исклучително интензивна година на дипломатски план со голем број активности и агнажирање на целата дипломатска мрежа.
На шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на нашата земја им се дадени насоки, информира Попоски, за политичкото и економско делување со акцент на зголемување на активностите во однос на привлекување странски инвестиции. Тој потенцира дека исклучителна можност е отворена со добивањето на третиот последователен позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на земјата и со пресудата од Хаг. Очекува максимизирање на ефектите од ангажманот на дипломатијата имајќи ги предвид, како што рече, ограничените ресурси со кои располага Македонија како мала земја.
Амбасадорите денеска ќе бидат примени од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, а ќе имаат средба и со премиерот Никола Груевски.