Инфраструктурата и мобилноста на студентите приоритети на МОН во 2012 година
Ударно во 2012 во образованието ќе биде инфраструктурата и подобрување на условите за настава во училиштата. Во план е и реконструкција на студентските домови, меѓу првите „Гоце Делчев“, рече ресорниот министер Панче Кралев на средба со новинарите.
Високо во приоритетите на МОН е и меѓународната мобилност на македонските студенти. Кралев посочи дека според препоракаите на Европската унија, студентот во 21 век треба да помине најмалку три месеци во странство.
Министерот се надева дека во однос на минатите години ќе има поголем одѕив на конкурсот на МОН за стипендирање студенти за прв и втор циклус студии на првите сто рангирани универзитети во светот, што ќе биде објавен на 15 јануари.
Во наредната година МОН ќе располага со вкупен буџет од 21 милијарда денари. Меѓу активностите што ќе продолжат во 2012 е и изградбата на училишни спортски сали. Од предвидените 145, досега се отворени 30, а 40 се во фаза на градба, информираше Кралев.