Сарачини на средба со претставници на Стопанската комора на северозападна Македонија
Кредитната линија од Европската инвестициска банка на мали и средни претпријатија, актуелната економска криза, кредитите што ги имаат извозно ориентираните компании, претставувањето на новиот концепт „задолжница“ како инструмент за регулирање на плаќањето меѓу претпријатијата, беа главни теми на денешната средба на министерот за економија Ваљон Сарачини со Стопанската комора на северозападна Македонија.
- Целта на средбите со коморите е да ги слушнеме нивните барања и да направиме промоција на програмата на Министерството за наредната година, изјави министерот Сарачини по средбата.
Планираат, нагласи, да се формираат координативно тело и работна група кои директно ќе ги следат активностите и барањата на стопанските комори.
- Се заложив секој месец да осиме во посета на компаниите и да ги слушнеме нивните барања, рече Сарачини.
На средбата станло збор и за можноста за поголема соработка со Албанија и за испраќање економски промотор во оваа соседна земја за да можат полесно македонските компании да ги пласираат своите производи на албанскиот пазар.
Претседателот на СК на северозападна Македонија Мендерес Кучи рече дека очекуваат и наредната година да биде тешка за стопанството и препорача Владата повеќе да се насочи кон мотивирањето на домашните инвеститори отколку кон странските кои како што кажа нема да инвестираат во Македонија се додека не се решат проблемите што не кочат.
- На средбата добивме агенда како ќе се работи во иднина што е добар предзнак дека и нашите проблеми ќе бидат дел од државата со која заеднички ќе ги решаваме. Не очекуваме тие да се решат веднаш, рече Кучи и додаде дека им препорачува на потенцијалните домашни инвеститори да вложуваат и во услови на криза бидејќи кризата кога тогаш ќе заврши.
Според него, Македонија не може да претендира да извезува на европскиот и на светските далечни пазари заради некомпатибилноста на економијата, туку треба да се насочи кон соседните земји кои имаат слични економии како нашата.
- Еден од приоритетите на Владата за следната година треба да биде што побрзо да ги реши побарувањата што ги има кон стопанството. Задолжницата е добра алатка која можеби ќе ги реши проблемите на стопанствениците, но треба да се почека да се види каков ќе биде нејзиниот ефект, рече Кучи.
Тој нагласи дека Владата во наредната година треба средствата да ги инвестира во капитални инвестиции кои се значајни, а не во луксуз.
Министерот Сарачини рече дека Владата се појавува како главен инвеститор во земјава, а со тоа и главен двигател на економскиот раст.
- Доцнењето од само неколку недели со обврските кон стопанството е подобра алтернатива отколку да има забавен раст на економијата, посочи Сарачини и додаде дека се надева оти наскоро и овој проблем ќе биде решен.