Груевски: Македонија во Германија и Австрија гледа пријатели и поддржувачи на стратешките политички и економски цели
Македонија во Германија и во Австрија, и во земјите од ЕУ, гледа пријатели и значајни поддржувачи на стратешките цели и темелни определби пред се во реализацијата на интеграциите и ЕУ, но не помалку и во економскиот раст и развој, порача премиерот Никола Груевски на работниот ручек со Европската бизнис асоцијација, Фондацијата „Конрад Аденауер“, Македонско-германското стопанско здружение, Македонско-австриската бизнис асоцијација и Европската бизнис асоцијација.
- Фокусот на македонската политичка и бизнис заедница е насочен токму во Германија и Австрија. Овие стабилни стопанства се едни од најважните услови за зголемување на македонскиот извоз и задржување на високите стапки на економски раст и тоа во едно турбулентно време, истакна македонскиот премиер.
Ве охрабрувам, додаде Груевски, да го преточите ентузијазмот во деловна решителност од која нашите земји ќе имаат обострана корист.
- Ценам дека зголемувањето на нивото на соработка пред се во економијата и во трговската размена, но особено во инвестициите се од огромно значење за интересот на Македонија, но и за интересот на компаниите кои ги претставувате, рече претседателот на македонската Влада.
Тој потсети дека Германија е најважниот трговски партнер на Македонија од нејзинто осамостојување и оти во последната деценија околу 18 отсто од македонскиот извоз се реализира на германскиот пазар, а над 11 отсто од увозот на Македонија доаѓа од Германија.
- Германските компании се меѓу првите десет најголеми инвеститори во Македонија, а Австрија пак е еден од најголемите инвеститори во земјава и значаен пазар на нашите извозни производи, рече премиерот Груевски нагласувајќи дека менаџерскиот пристап кој го практикуваат австриските компании е репер за понатамошниот развој на Македонија.
Како резултат на подобрената бизнис клима и преземените активности за промоција на Македонија во странство, посочи дека има зголемен интерес кај странските компании за инвестирање во Македонија.
- Како поволности за инвестирање ги имаме технолошко индустриските развојни зони. Една ваква зона веќе функционира во Скопје во која оперираат неколку странски компании, а заради големиот интерес кај инвеститорите веќе основаме уште три зони кои се во изградба и тоа во Тетово, Штип и уште една во Скопје, како и една во Битола основана од општината со поддршка на Владата, а од крајот на април ќе започне изградбата на уште седум вакви зони, ширум Македонија, рече премиерот Груевски.
Нагласи дека во последните месеци има нов инвестициски бран и додаде дека годинава Светската банка ја рангираше Македонија на третото место на списокот на најдобрите реформатори во светот со што во рамките на 183 рангирани држави, Македонија сега се наоѓа на 22 земја пред сите земји од Централна и Источна Европа но и пред 19 земји членки на ЕУ.
Премиерот на бизнисмените им ги презентираше поволностите и можностите што Македонија ги нуди за странските инвеститори и ги потсети дека Џонсон Контролс отвора уште една фабрика во земјава и оти веќе пристигнаа инвестициите од Текнохозе од Италија, Кемет електроникс од САД, Протек од Русија, Мадерсон груп од Индија, Кронберг и Шуберт од Германија.
Германската амбасадорка Гудрун Елизабет Штајнакер истакна дека германско македонските стопански односи се добри, но додаде дека се што е добро може да биде уште подобро.
- Ме радува што Република Македонија извезува многу повеќе во Германија отколку Србија... Македонија направи многу за подобрување на бизнис климата и ме радува што овие Кронберг и Шуберт почнаа со инвестицијата во вашата земја, рече Штајнакер.
Германија, посочи, во идната година изгледа ќе ја избегне рецесијата. Токму врз оваа основа комплетната економија на цела Европа ќе заздрави. Таа најави скорешна посета на германски стопанственици на Македонија и додаде оти се надева дека по посетата тие ќе се одлучат да инвестираат во земјава.
- Не плашете се од кризата, таа е финансиска и е проблем со кој се соочуваат банките, И во такви услови компаниите од Европа ќе бараат можности за инвестирање. Не бидете фрустрирани, ќе бидете особено успешни на крајот. Во втората половина на 2012 година ќе има позитивни изненадување во поглед на економскиот развој, порача Гинтер Офнер, поранешен претседател на Европската бизнис асоцијација.
Австрискиот амбасадор во Македонија Томас Михаел Баер, пак, го истакна значењето на силните економски партнери за секоја земја во услови на економска криза.
- Во период на економски потешкотии во светот навистина е значајно да се имаат силни економски партнери. Австрија е меѓу првите пет најважни трговски партнери на Македонија, а повеќе од 20 австриски компании се присутни со свои инвестиции. Тоа за нас значи дека и понатаму сме обврзани да придонесуваме за заемните економски односи и за поголема атрактивност на Македонија како дестинација за инвестиции, посочи амбасадорот Баер.