Општините да се фокусираат на урбанизација на земјиштето, апелира премиерот Груевски
Општините повеќе да се концентрираат на урбанизација на земјиштето на кое фирмите и граѓаните имаат интерес да градат, да вложат. Тоа ќе биде од голема корист за нив. Општините кои се најуспешни во урбанизацијата имаат и најголем прилив на средства, најбрз развој, бидејќи тие средства ги вложуваат во нови капацитети, водоводи, патишта, канализациски мрежи,..., апелира премиерот Никола Груевски по денешната средба со Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
- Апелирам особено до оние градоначалници кои не се многу активни во урбанизацијата на земјиштето, независно дали станува збор за изградба на згради, куќи или индустриски објекти, хотели, трговски центри, следејќи ги потребите во општината, потребите на фирмите и на граѓаните, да го прават тоа со поголема брзина, со поголема динамика. Тоа е многу сериозен извор на средства кои многу општини не го користат и не само што не го користат, туку со тоа го кочат и развојот на општината, истакна Груевски.
Со парите што ќе се соберат за инвестиции во развој на општината, но и со изградените објекти, ќе се овозможи, потенцира премиерот, директен развој на општината и отворање нови работни места, а тоа е целта на секој што ја доби довербата од граѓаните.
Одвојувањето на данокот на додадена вредност за општините следната година од 3,7 ќе се зголеми на 4 проценти, додека во 2013 година на 4,5 отсто.
- Целта на Владата е колку што може да им помогне на општините како што тоа го прави и во изминатите години, покрај редовните дотации што ги префрламе согласно Законот. Владата има и дополнителни инвестиции за општините. Пресметките на Министерството за финансии се дека инвестициите во рурален развој и во развој на општините изнесуваат 1,1 процент од Бруто домашниот производ. Владата инвестира 120 милиони евра во изградба и реконструкција на регионални и локални патишта, 50 милиони евра во изградба на водоводи и канализациски системи во сите општини, рече Груевски.
Според премиерот, се планира повлекување и нови средства преку Светска банка, околу 35 милиони евра, за изградба и реконструкција на училишта кои заедно со владините 5 милиони евра, кои заедно со дополнителните средства што се користат од други линии ќе достигнат 60 милиони евра. Следните две години се предвидуваат и инвестиции во образованието.
- Повремено помагаме и за други инвестиции така што може да се смета дека Владата ќе остане целосно посветена за рамномерен регионален развој во Репбулика Македонија. Помош и поддршка на општините и преку буџетот во смисла на трансфер на пари во нивните буџети, но и преку директни инвестиции. Во денешните разговори имаше доста корисни совети од министрите за раководството на ЗЕЛС во правец на заштеда на средства преку користење нови форми кои можат да заштедат средства во секојдневното работење на градоначалниците и на општините, рече Груевски.
Кога станува збор за инвестициите, подвлече, Владата внимава да нема селективност во изборот на општините. По специјална формула договорена со меѓународните финансиски институции инвестира соодветна сума пари во сите општини согласно големината на општината, бројот на жители, степенот на развој и други компоненти кои ја сочинуваат таа формула.
Денешниот состанок е потврда за воспоставената практика на заеднички дијалог меѓу централната и локалната власт.
- Од нашите традиционални средби овде, во ЗЕЛС, секогаш има резултати. Она што го договараме најчесто во текот во годината се исполнува и тоа во многу голем процент. Сметам дека овие средби се корисни не само за општините, туку, за Владата и за министрите, бидејќи имаме размена на информации кои се од двострана корист, а пред се се во корист на македонските граѓани, напомена Груевски.
Децентрализацијата во Република Македонија продолжува, во подем е и постојано има нови идеи за нејзино продлабочување.
- Неодамна почна процесот на управување со земјиштето од страна на општините. Веќе 14 општини сами управуваат, а дополнително десет очекуваме да ги завршат процедурите најдоцна до февруари 2012 така што ќе станат вкупно 24. Сите оние што сакаат да ја искористат оваа законска можност, сами да управуваат со земјиштето, треба да ги исполнат потребните услови, полагање испит од страна на одреден број вработени во општината кои треба да работат директно на менаџирање со земјиштето. Како ги исполнуваат условите, така ќе добиваат можност согласно Законот да управуваат со земјиштето, подвлече премиерот.
Во длабока фаза е и соработката во делот на давањето можност за легализација на дивоизградените објекти.
- Има одлична соработка меѓу Владата и општините, а Законот дава добри резултати. Исто така, согласно правната рамка ќе има одредени бенефиции за општините. Иако цената на легализацијата е ниска, сепак, кога ќе се соберат големиот број диво изградени објекти тоа може да биде значителен приход за општината, нагласи Груевски.
Претседателот на ЗЕЛС Коце Трајановски информира дека е изменет Законот за финасирање на единиците на локалната самоуправа со што е овозможено општините да добиваат позајмици од државата, не за една година како досега, туку до 10 години. Општинитете со помали буџети ќе можат да земат позајмица од Министерството за финансии и да си ги решат проблемите.
- Веќе 14 општини стекнаа право на менаџирање со неизградено градежно земјиште кое од 1 јули годинава премина во надлежност на општините, а неколку општини веќе имаат објавено тендери по законскиот основ, изјави Трајановски.
Тој очекува брза реализација на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и подобрување на финансирањето на единиците на локална самоупарава. Воедно потсети дека Нацрт-законот за комунални дејности е разгледан од Управниот одбор на ЗЕЛС и оти веројатно ќе биде усвоен на следената седница.
- Oчекуваме и подобрување на состојбите во образованието, превозот на ученици и греењето, барањето на ЗЕЛС да добие надлежност во управувањето со земјоделското земјиште, како и средства од концесијата на водни ресурси за кои веќе има согласност од Владата и постапката е почната, рече Трајановски.
Осврнувајќи се на децентрализацијата, нагласи дека од 2005 до 2011 година процесот има голем напредок. - Со добра децентрализација ќе имаме и побрз развој на државата, потенцира претседателот на ЗЕЛС.
На денешната средбата ќе се разговара за сите предизвици со кои се соочуваат локалните власти во спроведувањето на надлежностите и ќе бидат презентирани систематизираните ставови на ЗЕЛС. Станува збор за сублимирани заклучоци произлезени од дискусиите со општинската администрација во делот на комуналните дејности, образованието, животната средина, културата, рамномерниот регионален развој, како и барања што се однесуваат на обезбедување поголема финансиска независност на локалната самоуправа.
Средби меѓу Управниот одбор на ЗЕЛС и претставници на Владата традиционално се одржуваат еднаш годишно согласно потпишаниот Меморандум за соработка во 2003 година.