Средба на премиерот Заев со египетската амбасадорка Ел Шенави: Новата Влада отвора можности за економска соработка и унапредување на односите
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Манал Јехиа Ел Шенави, амбасадорка на Египет за Република Македонија.
Египетската амбасадорка Ел Шенави, пред заминување од позицијата поради крајот на нејзиниот мандат, му го честиташе на премиерот Заев стапувањето на должност претседател на Владата на Република Македонија и го оцени како успешен почетокот на работата на новата Влада, со очекување за натамошно унапредување на односите помеѓу Македонија и Египет.
„Новата Влада е посветена на стратешките цели на државата, интеграција во Европската унија и во НАТО, но и кон развој на добрососедските односи и соработка на Република Македонија со државите на меѓународен план. Овие отворени политики и определбата на Владата кон потребниот реформски процес очекувам дека ќе донесат видливи економски резултати за граѓаните на Македонија, како и дека ќе придонесат кон зацврстување на пријателставата на Македонија со земјите во светот и стекнување нови пријатели со цел меѓународна соработка во општо добро“ рече премиерот Заев.
На средбата се разговараше за можностите и начините за продлабочување на економската соработка помеѓу Република Македонија и Египет, како и во областа на туризмот. Договорено е да се разгледаат законски можности и олеснувања што би можеле да ги мотивираат бизнисмените кон инвестиции во двете држави.
Премиерот Заев и амбасадорката Ел Шенави изразија заедничка определба за соработка во делот на заштитата на стабилноста и безбедноста во двете држави, како и за меѓународната стабилност и безбедност.