Воведувањето на евтина тарифа нема да ја поскапи струјата

Прашања и одговори: Воведувањето на евтина тарифа нема да ја поскапи струјата

Медиуми: Дали ЕВН ќе добие некаква субвенција, бидејќи тие тврдат дека ќе имаат загуби со ова воведување на ефтината тарифа? И дали има некаков рок оваа ефтина тарифа што ќе ја добијат граѓаните. Година, две... до влезот на Макеоднија во Европската Унија, на пример? Дали има некаков договор?

Анѓушев: Ви благодарам за прашањето. ЕВН нема да добие никаква субвенција со воведувањето на евтината тарифа. Точно е дека тие ќе имаат намален приход, но тоа ќе биде во следниот регулаторен период земено предвид. Онака како што кажав, тоа е вистината, практично домаќинското работење во компаниите, односно намалување на трошоците во енергетските компании ќе биде изворот на средства кои ќе бидат наменети за воведување на ефтината тарифа.

Такви заштеди се веќе направени, и ние веќе гледаме каде ќе ги исцрпиме како извор за намалување на трошоците и истите ќе бидат пренасочени во домаќинствата, односно во новчаниците на граѓаните. Што се однесува до временскиот интервал на мерката, таа не е временски детерминирана. Тарифата како тарифа практично и по целосната либерализација би можела да остане иста. Со тоа што само граѓаните ќе имаат можност директно и соодветно да се договарат за цената, и, нормално, сите субјекти на пазарот кога до тоа ќе дојде. Но тоа е друга тема.

Медиуми: Премиере споменавте сума од 8 милиони евра дека е вредноста на оваа мерка. Што конкретно значат тие 8 милиони евра? Вицепремиерот Анѓушев спомена дека тоа ќе биде преточено во новата цена на струјата? Дали тоа значи дека ќе треба да очекуваме поскапување на цената на електричната енергија за крајните корисници наредната година кога ќе одлучува регулаторна?

Заев: Спомнав 8 милиони евра затоа што проекцијата на потрошувачката на овие дополнителни 2 часа од понеделник до петок вклучитело и сабота, е конзумација за поевтин дел на цената и пресметката ја прави 8 милиони евра. Потпретседателот на владата ви кажа, тоа е овозможено исклучиво од проектираните заштеди кои што ќе се случат пред сѐ од државните компании, но би било чесно да го поздравиме и фактот дека ЕВН дава поддршка на оваа владина мерка обидувајќи се и таа да заштеди од своите трошоци во делокругот на своето работење кое што секако влегува во цената на чинење на електричната енергија. Тоа е вредно за поздравување затоа што тоа е компанија со 90% приватна сопственост.

Ќе ги кажам само параметрите. Ако цената на ископот на јагленот во минатото се движела 134 денари 144 денари, 167 денари, утре има лицитација со 89 денари па нагоре. Тоа е 100% заштеда. Тендерот е на 800 милиони денари, тоа се некои 13,5 милиони евра. Го кажувам ова како податок за да знаете дека заштедата е возможна. Се работи за чесно работење, посветено во интерес на граѓаните, за бенефитот да го имаат граѓаните. Евтината тарифа во пракса ја користат посиромашните граѓани. На побогатите не им е толку важно во кој дел од денот ја трошат. Дополнително сум среќен што токму оваа мерка ќе допре до посиромашните категории на граѓани.

Второто прашање беше дали ќе има поскапување на струјата. Не, апсолутно не. Поскапувањето на струјата ќе следи само ако расте цената на берзата на струјата. Тука нема вграден скриен механизам дека од друга страна ќе се поскапи па сите тоа ќе го платат. Не. Ова е исклучителна мерка која што се заснова на заштедите на ЕЛЕМ и МЕПСО пред сѐ, секако со тенденција и навистина и ЕВН да си направи дополнителни напори во рационализација на сопственото штедење.

Секако, оваа мерка нема да влијае никако на покачување на цената на струјата.

Медиуми: Дали можете да гарантирате дека во наредните година дена нема да има покачување на струјата?

Заев: Заради тоа што струјата колку што знам и колку што сум информиран, еве беше потврдено повторно од Заменик претседателот, е составена и од берзанскиот дел на формирањето на цената на струјата, и ако тенденцијата на светско ниво оди во пораст на цената, тоа, веројатно, ќе има импликации тука. Значи тоа што знаеме е дека до идната година, до 1 јули нема да има корекција на цената, затоа што до тогаш таа е регулирана и нема ни некои очекувања дека цената на струјата ќе расте.

Обично цената на струјата има тенденција да расте кога има помала понуда на струја, а има поголема побарувачка. Со обновливи извори на електрична енергија, со присуство на поголеми продукции на енергија на секаде во регионот и во светот, а така планираме и ние, нашите тенденции се да имаме нови инвестиции во нови извори на енергија, пред сѐ на нови извори на електрична енергија, што ќе значи зајакнување на домашната продукција на електрична енергија. Сето тоа ни дава за право да очекуваме дека и после регулираниот период од 1 јули, не очекуваме тенденции на покачување на цената на струјата.

Медиуми: Јанес Копач од ЕЕЗ кажа дека оваа мерка се коси со правилата на ЕУ и дека само мал дел или категорија на сиромашни граѓани можат да ја користат.

Анѓушев: Како што ви кажав, имавме повеќе состаноци со ЕЕЗ во седиште во Виена, чиј што претседател и директор е токму господинот Копач. На последниот состанок бевме во состав јас, претставник од регулаторна комисија и министерот за економија, господинот Крешник Бектеши. Постигнавме согласност, дека мерката која што ја воведуваме е и техничка и економска мерка и како таква не се коси со европската регулатива.

Медиуми: Дали имате направено анализи процентуано колку ќе се намалат сметките на граѓаните со воведувањето на ефтината дневна тарифа?

Анѓушев: Кај секого различно. Зависи кој колку ќе биде внимателен да троши евтина тарифа. Ако бидете внимателни и ако своите потреби за електрична енергија ги користите или ги трошите во периодите кога е евтина тарифата, тогаш практично целокупната разлика помеѓу високата тарифа и евтината тарифа ќе биде ваша заштеда, а тоа може да биде и до 30% 40% од вашата сметка за електрична енергија. Значи одговорот конкретен би бил ека тоа ќе зависи од тоа колку вие ќе можете да воспоставите дисциплина во вашата потрошувачка и да внимавате главните потрошувачи на електрична енергија во вашите домаќинства да ги вклучувате во часовите кога има евтина тарифа.

Медиуми: Во врска со Србија. Како наеднаш настана пресврт во односите со Србија кога нели знаеме дека имаше остра реторика од претседателот Вучиќ, кој што рече дека знае сѐ што правеле македонските власти?

Заев: Сѐ што беше суштинско, беше преку сопштението, преку настапите на министерот за надворешни работи, потпретседателот на владата за европски прашања и слично. Јас само би можел да додадам дека добриот збор и искреното пријателство ги решаваат проблемите.

Медиуми: Како ја коменирате изјавата на Живаљевиќ дека добил дозвола од службите на претседателот Иванов?

Заев: Јас оставам тоа да си го кажат токму Србија, господинот Живаљевиќ, и официјалните институции, тие да го кажат својот дел. Ние во тој период бевме оопозиција и навистина не сме имале никаков начин како да се информираме дали имало, или немало дозвола од некој.

Медиуми: Имате ли инфомрација, во делот на правосудството, за најавите дека ќе се формира специјализирана комисија при Министерството за правда и за формирање на специјално судско одделение?

Заев: Немам информација, и навистина не сум побарал да бидам информиран. Ако станува збор за работно тело при Министерството за правда, јас верувам дека пред сѐ стручни луѓе ќе ги носат на свои плеќи реформите. Политичарите треба да бидат малку подалеку од тоа, освен да го држиме кормилот за навистина конечната цел да биде независно правосудство. Верувам дека се консултираат и меѓународните организации, и верувам дека екипата, односно сениорската група предводена од Прибе, ќе има начин и влијание во овие процеси преку пренесување на искуството, но на крајот институциите се тие кои што ќе носат одлуки. Ве повикувам вас новинарите будно да го следите процесот. Вие сте совеста на ова општество и реба да внимавате начин, да не си дозволат политичарите, ниту тронка мешање во постапките кои ќе доведат кон независно правосудство. Толку ќе бидат и поуспешни постапките и побрзо ќе дојдеме кон независно правосудство.

Медиуми: Имате ли предлози за нов јавен обвинител?

Заев: Тоа не е моја работа, ниту на било кој политичар во Македонија.


Медиуми: Сега сте позиција, ќе барате ли одговорност од српската влада за присуството на Живаљевиќ во Собранието?

Заев: Јас знам дека двете служби, тоа е УБК и БИА меѓусебно, согласно дипломатските протоколи уште тогаш го завршија тоа кога тоа се случуваше, онака како што е пропишано по сите меѓународни конвенции и според прописите кои што ја регулираат меѓународна соработка помеѓу земјите, посебно помеѓу соседите.

Медиуми: Евтината тарифа ќе важи од 14 до 16 часот. Дали тоа значи дека е насочена кон пензионерите?

Анѓушев: Не е насочена само кон пензионерите. Нормално, може да ја користи секој кој што може во тој период да ги вклучи своите главни потрошувачи на електрична енергија во домаќинството. Вие бољерот можете да го вклучите кога сакате, исто така можете греењето да го вклучите кога сакате и кога не сте дома. Така да, кој ќе биде дисциплиниран во својата потрошувачка ќе може и тоа како да има бенефит од оваа мерка. Нормално мерката е насочена кон сите граѓани на Република Македонија.