Средба на премиерот Заев со европратеникот и претседател на АЛДЕ, ван Бален: Поддршка од Европа за реформската Влада којашто ги отвора евро-атлантските перспективи на Македонија

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, попладнето се сретна со европратеникот Ханс ван Бален, претседател на Алијансата на либерали и демократи во Европа (АЛДЕ), придружуван од Емил Кирјас, генерален секретар на Либералната интернационала и од претседателот на ЛДП, Горан Милевски.

Новата Влада во Македонија ја има поддршката од либералите и демократите во Европа, како и од демократскиот свет, во реформскиот процес којшто ги отвора евро-атлантските перспективи на Република Македонија, пренесе европратеникот и претседател на АЛДЕ, ван Бален.

- Комплетно сме фокусирани на реформите на коишто сериозно се обврзавме со рокови во Планот 3-6-9, за да обезбедиме квалитетен живот на граѓаните на Македонија како и реализација на стратешките цели на државата, интеграција во ЕУ и во НАТО. На тој пат во скоро време ги очекуваме првите добри вести, да се тргне условената препорака, а потоа Република Македонија да добие и датум за почеток на преговорите со ЕУ. Паралелно Владата работи на исполнување на ветувањата пред граѓаните за подобар животен стандард, како што е денеска објавената мерка за повторно воведување на дневната евтина тарифа на струјата, што ќе значи повеќе пари во семејните буџети, рече премиерот Заев.

На средбата, европратеникот ван Бален ги поздрави внимателното завршување на политичката криза, како и инклузивните политики на новата Влада, преку коишто се дава можност на сите граѓани, граѓански организации, политички партии кои сакаат да помогнат во обновата на Македонија, да се вклучат во важниот реформски процес што е во тек.