Премиерот Заев на неформалниот Самит во Драч: Постои позитивна клима за регионална соработка и напредок во евро-атлантските интеграции
Постои политичка посветеност за интензивирање на регионалната соработка на земјите од Западен Балкан и продлабочување на економската соработка е пораката што ја испраќаат премиерите од Западен Балкан, присутни на неформалниот Самит што се одржува во Драч, меѓу кои е претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
Самитот во Драч што е во тек, е посветен на регионалната соработка и Акцискиот план за Регионална Економска Област, договорен на Самитот во Трст, Италија и на него присуствуваат премиерите на Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и претседавачот со Претседателството на БИХ, како и еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан и заменик претседателот на Светска банка, Кирил Милер и регионални претставници на Светска банка.
Еврокомесарот Хан ја поздрави соработката меѓу државите од регионот и пренесе очекување за конкретизирање на активностите за реализација на Акцискиот план што се однесува на олеснување на економската соработка меѓу државите согласно Акцискиот план од Триесте Самитот.
- Заедничкиот настап на економски план на државите од регионот пред Европа ќе значи создавање поголем пазар и поголем интерес за инвестирање во нашите држави, а со тоа и нови инвестиции и нови работни места на нашите граѓани, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, ја пренесе определбата на Република Македонија кон интензивна регионална соработка што ќе го олесни движењето на стоки и луѓе и ќе придонесе кон развој на нови идеи и проекти што би можеле да бидат привлечни за инвериторите од Европа.
- Регионот е насочен кон мир и заедничка иднина во евро-атлантските интеграции. Има позитивна клима за соработка и ова ќе придонесе кон напредок на државите во евро-атлантските интеграции, рече премиерот Заев.
На Самитот, заменик претседателот на Светска банка, Милер и претставниците на Светска банка изразија поддршка на напорите на земјите од Западен Балкан за зајакнување на економската соработка, според европските стандарди, што ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во државите.
Неформалниот Самит во Драч се одвива во неколку сесии посветени на олеснувања на движењето на луѓе и стоки, транспортна ефикасност и предвидливост, во трговијата, инвестициите и дигиталната економија, како и кон идни проекти што водат кон регионална интеграција на Западен Балкан во ЕУ.