Владата донесе одлука да станат јавни класифицираните информации и договори за доделување на државна помош со странските инвеститори во Република Македонија
Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука да се покрене постапка за декласификација на класифицираните информации и договори за доделување на државна помош, склучени помеѓу Владата на Република Македонија и компаниите/странски инвеститори во Република Македонија.
Со одлуката на Владата, согласно Законот за класифицирани информации и согласно препораките на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, покрената е постапка според која Владата на РМ ќе ги направи јавни сите информации и договори за доделување на државна помош со странските инвеститори.
На денешната седница, владата донесе одлука со која се задолжуваат Агенцијата за странски инвестиции и Техничко-развојните индустриски зони, како и сите останати министерства и државни органи, кои поседуваат класифицирани информации и договори за државна помош, и тие да ги покренат постапките за достапност на овие информации и договори.
За ефикасно спроведување на оваа одлука, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да достави листа на класифицирани информации и договори за државни субвенции на странските компании во земјата, и утврди рок од седум дена за реализирање на оваа иницијатива на владата.
Иницијативата за декласификација на информациите и договорите за државна помош за странските компании е мерка предвидена со Планот 3-6-9.