Ристовски: Голем интерес за обуките за ИТ програмери, за 180 места пријавени 1.334 лица
За учество во обуките за 180 ИТ програмери за девет ИКТ програми како дел од политиката за вработување преку Агенцијата за вработување се пријавиле 1.334 лица, информира денеска на прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Во текот на јануари ќе полагаат квалификациски испити, врз основа на кои ќе се селектираат 180 што ќе поминат обука и до 1 јуни следната година да се стекнат со сертификат, кој треба да им помогне да најдат работа.
Пријавените 1.334 апликанти се за десет пати повеќе од тие што аплицирале минатата година, што, според Ристовски, е исклучителен напредок и го покажува интересот на граѓаните за оваа мерка за вработување. Лани преку истата мерка за 75 места аплицирале 180 лица. Тоа покажува дека институциите презеле правилен потег со зголемување на квотата за оваа активна мерка што побуди интерес за вклучување на граѓаните особено на младите кои сакаат да бидат дел од информатичките технологии, посочи Ристовски.
Според министерот за информатичко општество Иво Ивановски, станува збор за скапа професионална обука преку која лицата ќе се стекнат со знаења за девет врвни барани програми и со сертификат за секоја од нив. - Оваа обука во некои од развиените западни места се цени повеќе отколку дипломата која ја имаат факултетите затоа што работодавачите знаат дека знаењето што е стекнато е навистина неопходно, рече Ивановски.
Тој истакна дека од 75 лица кои лани ги посетувале обуките 65 проценти веќе нашле работа. Од 21 лице со сертификат, 18 се вработени со примања многу повисоки од просечната плата во Македонија. Ова значи дека програмата е успешна и ќе продолжиме со неа, наведе Ивановски.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски најави дека списоците за тестирање со кандидатите и компаниите кои ќе ги вршат во сите градови ќе бидат објавени на 9 јануари на веб страниците на министерствата за труд и социјална политика, за информатичко општество и администрација и на Агенцијата за вработување. Преку средства од ИПА, информира, ќе бидат обучени уште 115 лица за програмски јазици. - Утврдено е оти таков тип обуки се потребни на пазарот на трудот и веруваме дека има успешни вработувања, наведе Поповски.
Одговарајќи на новинарско прашање информира дека во текот на годинава Агенцијата за вработување избришала 80.000 лица од списоците на невработени, но оти истовремено се евидентирани 62.000 нововработени.
- Го применуваме Законот. Лицата кои порано доаѓале до Агенцијата само за здравствено осигурување, со промена на начинот на задравствено осигурување на невработени врз основа на финансиски приход, немаат веќе интерес да доаѓаат. Од денот на објавување на измените на Законот за здравствено осигурување е најголемиот пад во евиденцијата на невработените. Утврдивме дека голем дел од луѓето се пријавуваат само од навика и за здравствено осигурување. Бројката се движи околу 80.000 избришани, но истовремено имаме и 62.000 нововработени, рече Поповски.
Но, додаде, треба да се гледаат и двете бројки. - Точно е дека има нагло паѓање на бројот, но треба да се гледа и другата страна дека паралелно има вработувања, тука треба да се имаат предвид активните мерки, инвестциите во Македонија, заинтереираноста на работодавачите да ги вработат непријавенитре, така што ние ги гледаме двата аспекта и донекаде е изедначена состојбата, укажа директорот на Агенцијата за вработување.
Министерот за труд, во коментар на најавениот протест за денеска преку кој синдикатот бара повлекување на предложеното законско решение со кое се намалува од пет на 18 месеци периодот во кој лицата прогласени за технолошки вишок ќе земаат надомест од државата, информира дека ставот на Министерството и на Владата е непроменет и оти законот нема да биде повлечен. Синдикатот, истакна тој, покажал неконзистентност во својот став.
- На средба со мене ни презентираа модел и мерки како да го менуваме законот и тогаш воопшто не стануваше збор за повлекување. Веројатно настапила некоја друга причина поради која сега побарале да се повлече. Како Министерство и како Влада имаме конзистентен став и во оваа фаза остануваме на предлог-решението кое го понудивме, ќе видиме какви ќе бидат резултатите и ефектите. Доколку се констатира дека не ги дал резултатите никој не оспорува дека некогаш ќе биде нешто друго корегирано. Во оваа фаза, законот помина и второ читање и треба само да се изгласа на пленарна седница, како Влада не планираме да го повлечеме, рече Ристовски.
Прашан за коментар на најавите за законско решение за бранителите и припадниците на поранешната ОНА, министерот за труд истакна дека не е информиран. Тоа се политички и партиски ставови и во овој момент не би го коментирал, посочи Ристовски.