Премиерот Заев: Вредностите на празникот Курбан Бајрам се универзални вредности за градење општество за сите

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, по повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам ја посети општина Арачиново и се задржа во едночасовен разговор со жителите на Арачиново, кои покажаа нагласен интерес за средбата со премирот.


Честитајки им го празникот, премиерот нагласи дека во суштината на овој празник е вткаена една голема и благородна порака:


„Курбан Бајрам многу богат и важен празник, празник на солидарноста, хуманоста и грижата кон најблиските. Овој ден е водилка за секој исламски верник да се грижи за семејството, соседите и пријателите, за оние на кои им е најпотребна помош, за разбирачка и мирен живот.


Овие вредности се универзални, столбови на секоја религија, патокази кон унапредување на животниот морал кон кои треба да тежнее секој човек, без разлика на верската или националната припадност.“


Благородните пораки што ги испраќа овој празник повикуваат на практикување на една поинаква политика во која културните, етничките и верските разлики се богатство и непроценлива уникатна вредност, истакна премиерот и дода дека „почитувајќи се едни со други создаваме општество за сите и градиме една, наша Макдонија за сите“.


Владата на Република Македонија води политика со која нашата земја ќе се изгради како граѓанска држава на сите што живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други помали заедници. „Не сакаме да ги попречуваме разликите, па дури ни да ги намалуваме тие разлики“, нагласи премиерот Заев.


„Но, затоа, јас и сите министри во владата, работиме на намалување на социјалните и економските разлики помеѓу заедниците преку проекти со интеграциски цели и преку инвестирање во непристрасна држава. Република Македонија мора да биде држава за сите, кога се економските и социјалните привилегии на граѓаните во прашање. Такви мерки, мерки што придонесуваат создавање на еден таков амбиент на подобрување на животот на граѓаните се зголемувањето на минималната плата, укинувањето на радиодифузната такса, евтината тарифа на струјата, поддршката за годишен одмор за граѓаните со пониски примања, навремената исплата на субвенциите за земјоделците“, потсети премиерот на спроведените владини мерки.


Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, пред граѓаните на Арачиново потсети на мотивацијата на членовите на владата, со штедење и со активни мерки, парите да се вратат назад кај граѓаните.


„Воведовме политика со која привилагиите од функционерите се пренесуваат кај вас, граѓаните. Тие привилегии ги правиме достапни на сите, зашто градиме општество еднакво за сите. Една од главните цели на овие политики е да ги враќаме парите кај граѓаните, праведно и правично кај сите, а најмногу кај оние на кои помошта им е најпотребна.“


Премиерот Заев во своето излагање пред жителите на Арачиново го истакна еден од најважните принципи според кој се раководи новата влада, е дека секој е важен и затоа, носиме одлуки од кои сите граѓани, од сите заедници, оваа земја ќе ја доживуваат како своја, пријателска средина.


Од тие причини донесовме одлука за усвојување на Законот за употреба на јазиците. Тоа говори дека поддржуваме јазична политика во согласност со потребите и интересите на граѓаните, различните етнички заедници и целата држава.


„Дијалогот е алатка за разбирање. Можеме да се разбереме. Само меѓусебното разбирање може да нè заштити од етничко несогласување. Општеството да го градиме по пат на грижата за сопствената култура, но и со запознавање на поинаквите културни вредности, рече премиерот Заев.


Новите заложби на актуелната влада се да созаваме држава во која културите ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат. Во тоа се состои силата на нашата култура.


„Оваа моја посета не смее да се смета и да остане само случајност. Сакаме оваа пракса да биде редовна. Ова е начин да се промовира и да се бара поддршка за суштинска политичка поддршка при градењето обединето општество. Едно и единствено, наше, општество кое е дом за сите“, потенцираше премиерот Заев.

 

Покажуваме дека оваа Влада води политика на афирмирање и унапредување на културата на припадниците на сите заедници.

 

„Владата цврсто стои на ставот дека само интегрирана Македонија којашто ќе го обедини множеството на различности, ќе биде стабилна и просперитетна држава за сите нејзини граѓани“, им се обрати премиерот Заев на граѓаните на Арачиново.

 

За крај, уште еднаш ќе се повикам на Курбан-Бајрам. Оваа традиција и овие вредности се секогаш поттик и во иднина да продолжиме со добра мисла и добри дела, меѓусебно да се почитуваме и да се разбираме.

 

„Нека е честит празникот, и нека е за многу години“, порача премиерот Заев Арачиново.

 

Во завршницата на својата посета на Арачиново, Претседателот на Владата на Република Македонија беше пречекан во семејството на Шејкери Ајдари. Во срдечната атмосфера, соодветна на празникот, премиерот се задржа во кус разговор со домаќинот и неговите гости.

 

За повеќе фотографии: https://www.flickr.com/photos/vladamk/sets/72157688426054285/