Премиерот Заев меѓу граѓаните и дуќанџиите во Велес: Почна враќањето на парите кај граѓаните, се отвораат економските перспективи за Велес и Македонија

 

Во прошетка низ велешката чаршија, премиерот Заев се сретна и поразговара со многу граѓани и оствари директни средби со сопственици на дуќани, продавници, занаетчиски работилници и мали бизниси. Поразговара со нив за секојдневните предизвици со кои се соочуваат во текот на своето работење и ги слушна нивните очекувања за мерките што Владата на Република Македонија ги планира и спроведува со цел зголемување на државната поддршка на фирмите за вработување на млади луѓе. Премиерот разговараше со граѓаните и за зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари, за зголемените можности и за државната помош за домашните мали и средни претпријатија.

 

Се разговараше и за намалувањето на трошоците за живот меѓу кои укинувањето на радиодифузната такса, враќањето на евтината дневна тарифа на струјата, намалувањето на катастарските трошоци до 50% и нивното директно влијание за зголемување на потрошувачката моќ на граѓаните што ќе значи и економско раздвижување на велешката чаршија, но и на целокупната економија.

 

За време на средбите, премиерот беше поздравен од граѓаните со очекувања и надеж дека ќе се подобри економската состојба, дека ќе се отвораат достоинствени работни места за младите и дека државата ќе зачекори напред преку чесниот пристап на водење на државата што е видлив изминативе три месеци.

 

По средбите со граѓаните, премиерот Заев во центарот на Велес даде изјава за медиумите.

 

 

 

„Еве денес, овој убав прекрасен ден, во срцето на Македонија, во Велес, поминавме во дуќаните, разговаравме со дуќанџиите, со граѓаните за економската состојба. Јас се радувам што надежта се враќа кај луѓето. Веројатно новата политичка клима пополека ја враќа и надежта дека економските перспективи се враќаат во Македонија.“ изјави премиерот Заев.

 

Премиерот Заев истакна дека очекувањата на продавачите и сопствениците на дуќаните со коишто поразговара се да има повеќе пари кај граѓаните, додека очекувањата на граѓаните потрошувачи се да се отвораат работни места за младите, да се намалуваат трошоците за живот, да се враќаат повеќе пари кај граѓаните и посочи дека тоа е филозофијата на економската перспектива на Македонија.

 

„Еве кога завршуваме со трите месеци, веќе почнавме со економските мерки. Пред Собранието се поднесени законите за минималната плата којашто ќе ги отвори спиралите на покачување на платите на сите работници. Подигањето на минималната плата на 12.000 денари ќе значи дека ќе се покачи и кај оние граѓани коишто земале 14.000 денари, и кај оние што земале 17.000 денари.“ рече премиерот Заев.

 

Во однос на мерката со којашто трајно се решава статусот на стечајните работници, премиерот Заев рече дека законот е поднесен во Собранието и очекува до крајот на септември да биде донесен за да се исправи долгогодишната неправда кон стечајните работници и за да можат овие граѓани кои го вложиле својот работен век во економијата на Република Македонија да добијат надоместок што го заслужуваат до нивно пензионирање.

 

„Евтината дневна тарифа веќе како одлука ја донесовме. Се надевам дека уште со октомвриските сметки граѓаните ќе ја почувствуваат. Покрај целосно евтина тарифа во неделата и во ноќните часови којашто досега постоеше од 22:00 часот до 07:00 наутро, граѓаните ќе можат да користат евтина тарифа и во попладневните часови од 14:00 до 16:00 часот. Тоа е многу важна работа. Проценката е дека повеќе од 8 милиони евра ќе останат пари кај граѓаните. Тие пари ќе ја зголемат нивната потрошувачка моќ. Тоа се вратени пари назад кај граѓаните.“ посочи премиерот Заев.

 

Претседателот на Владата најави дека институциите отпочнуваат постапки за скратување на одредени процедури, но и за намалување на трошоците за живот преку укинување на одредени давачки што повторно ќе значи повеќе пари кај граѓаните.

 

„Работиме на зголемување на вработеноста, генерално кај младите но и за вкупно невработените граѓани на оваа наша Македонија. Првите мерки во септември веќе ќе бидат објавени, а тоа е пакетот на менија за привлекување на домашни и странски инвестиции. Ќе ги воедначиме сите придонеси и помоши за отворање на нови работни места и нови инвестиции во Република Македонија. Конечно домашните компании ќе добијат ист третман во некои сегменти и подобар третман од странските компании затоа што ние веруваме дека домашните компании имаат потенцијал за отворање многу постабилни работни места за граѓаните. Тоа ќе значи дека секој работодавач којшто ќе отвори работно место со плата повисока од минималната или дупло од минималната плата, некаде приближно до просечната плата, ќе има можност за директна државна помош од Буџетот на Република Македонија со стимулативни механизми да отвори што е можно повеќе работни места.“ изјави премиерот.

 

Тој истакна дека сите ресурси на државата ќе бидат насочени кон враќање на парите кај граѓаните и кон намалување на трошоците за секојдневнво функционирање на семејствата.

 

„Јас ја барам поддршката од граѓаните заедно со Владата на Република Македонија, со новите општини по локалните избори да работиме на економијата, за нови работни места и на целосно укинување на оваа проклета сиромаштија што ја зафатила цела оваа наша Македонија. Велес е еден од најтипичните примери на градови на заминување на младите луѓе, прво во Скопје, но за жал најголем дел надвор од државата. Јас сум убеден дека сите млади луѓе што заминале, и оние што сè уште се овде, а се без работа гледаат добри перспективи овде во својата земја. Тоа е главната задача на новата Влада на Република Македонија.“ премиерот Заев го заврши своето обраќање пред медиумите и насобраните граѓани.